Воената тактика на истовремено стрелање со повеќе оружја може да биде корисна и во транспортот. Камиони што се следат во колона на мало растојание ќе штедат гориво и простор.
Дигитализацијата го освојува и транспортот на стока. Камиони поврзани во дигитална мрежа ќе придонесат за зголемување на ефикасноста во транспортот. Производителите MAN и Scania го докажуваат тоа преку проектот „European Truck Platooning Challenge“, со колона од камиони што се следат на екстремно кусо растојание и разменуваат податоци преку дигитална мрежа. Во овој таканаречен „плотун“, системите за асистенција при возењето и автономните системи во камионите комуницираат меѓусебно, со цел да се овозможи возење на мошне мала оддалеченост меѓу нив.

По пример на вообичаената тактика на велосипедските трки, кога членови од тимот се менуваат на челото од колоната за да направат „заветрина“, така и првиот камион во колоната го „пробива“ воздухот и прави останатите камиони да возат поефикасно. Податоците за брзината и правецот на возење се пренесуваат од првиот камион кон останатите во колоната преку т.н. комуникација Car-to-Car. Податоците се разменуваат преку безжична мрежа на фреквенција од 5,9 GHz. Камионите се следат полуавтоматски, оддалечени само десет метри еден од друг. На овој начин, потрошувачката на гориво и емисијата на СО2 се намалуваат за десетина проценти.
Според партнерите во проектот, придобивки има и безбедноста. При возење по нагорнина, растојанието меѓу камионите се зголемува, за автомобилите да се „спровнат“ при престигнување. Проектот е иницијатива на холандската влада, во рамките на нејзиното претседателство во советот на ЕУ и со поддршка на здружението на европски производители на автомобили ACEA. Целта е да се поттикне примената на системи за автономно возење.
Двата плотуна на Scania и MAN ќе се сретнат на 6-ти април во Ротердам
Scania го стартуваше тестирањето со три возила кои појдоа од Содерталје во Шведска и продолжија преку мостот Оресунд кон Данска, Германија, Белгија и Холандија. Во исто време, MAN стартуваше плотун од Минхен, со одредиште во Ротердам, во Холандија. Двата конвоја ќе се сретнат во холандскиот пристанишен град на 6-ти април, а ќе им се придружат и возила од уште неколку производители.
За системот да функционира, единствено е потребно во возилата да постои опрема за поврзување во безжична мрежа. Но, за искористување и на дополнителните предности од „плотунското возење“ неопходно е да се постави и соодветна инфраструктура, односно мобилен интернет со висока брзина долж патиштата. Со тоа, автопатиштата ќе прераснат во „автопатишта за податоци“.

MAN и Scania располагаат со возен парк од над 200.000 камиони поврзани во мрежа. Со податоците што се добиваат од клиентите преку оваа мрежа може да се постигне поефикасна експлоатација и поголем профит за транспортерите. Двете марки комерцијални возила во концернот Volkswagen располагаат со најголем број мрежно поврзани камиони и автобуси во Европа.
Реализацијата на концептот на возење во плотун е предвидена за 2020 година. Дотогаш е потребно да се воспостави и соодветна правна рамка, како и тесна соработка меѓу учесниците во концептот, вклучувајќи усогласување на сообраќајните правила и на законите во земјите во ЕУ.
















