за

Како Ford Mustang ќе се качи на 86-кат на Емпајер Стејт Билдинг?

Ford одбележува 50 години на Mustang и во таа чест утре ќе го изложи актуелниот модел на 300 метри над Менхетен. Прашањето е: Ако не е качен со хеликоптер или кран, тогаш како Mustang се најде на врвот на светот?

Светот на четири тркала одбележува половина век на еден од највпечатливите мускулести автомобили во историјата, на Ford Mustang. Во таа чест, Ford реши да го изложи моделот на видиковецот на 86-от кат на Емпајер Стејт Билдинг, исто како што тоа беше направено во 1965 година, со првата генерација на моделот.

„Кога почнавме со скицирање во средината на февруари, сите сфативме дека ќе треба стар мајсторлак за автомобилот успешно да се постави на повеќе од 1.000 стапки над раздвижените улици на Мехнетен,“ изјави Џорџ Самулски, менаџер за изработка на прототипи во Ford. „Платформата е превисоко да се достигне со кран од улица, а врвот што се издига 400 стапки над тесната платформа оневозможува возилото да се постави со хеликоптер.“

Потфатот за прв пат успеа во октомври 1865 година, кога Mustang во кабриолет изведба беше пресечен на половина за да го собере во лифтовите во зградата. Откако прецизно ги измери сите лифтови и врати, новиот тим изработе макета од моделот, за одредување на местата каде што ќе се сече каросеријата. „Емпајер“ сепак е историска знаменитост, со оригинално дрво во „арт деко“ и месинг во лифтовите, така што услов беше да се обезбеди доволно слободен простор за манипулирање.

Потоа, две нелакирани каросерии на Mustang беа пресечени на одредените места, а деловите беа поставени на посебни колички. Втората каросерија служеше како резерва и како ориентир за изработка на цевната носечка платформа за изложениот автомобил. За деловите од каросеријата да се качат од приземје до видиковецот беше потребно да се користи товарниот лифт и два посебни лифта за лица. Претходно во работилницата беше изработена макета од најмалиот лифт, за проверка дали сé е во ред со просторот. Секако, и тежината на товарот мораше да се зема во предвид.

Видиковецот е отворен за публика од 8 до 14 часот, поради што тимот за потфатот има временска рамка од само шест часови за сите делови да се качат на платформата и да се состават. Пред деловите да пристигнат во Њујорк, тимот неколку денови го вежбал целиот процес на монтажа, со прецизен тајминг до минута.

Жолтиот Mustang Convertible ќе биде изложен на платформата на Емпајер Стејт Билдинг на 16-ти и 17-ти април. Откако платформата ќе се затвори за публика во 14 часот на 18-ти април, тимот ќе ја повтори постапката по обратен редослед и ќе го отстрани изложениот автомобил.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Citroen ќе го претстави престижниот теренец DS 6WR во Кина

Nissan го претстави новиот Murano