Италија им дава на возачите, Македонија им одзема

Додека кај нас државата ги користи возачите за да им ги собере парите на сите можни начини, од горивата до патарините, италијанската влада им го олеснува купувањето нов автомобил на своите граѓани.

Италијанската влада планира да воведе олеснување при купување нов автомобил со цел да ја поттикне продажбата и во приватниот и во службениот сектор. „Чизмата на Европа“ е четврти најголем пазар за автомобили на стариот континент, но пазарот во последниот период западна во најголемата рецесија од војната наваму. Иако продажбата во јуни забележа зголемување од 4 проценти во споредба со истиот месец лани, здружението на италијанските автопроизводители посочува на фактот дека тогашната месечна продажба падна на најниското ниво по 1978 година.

Италијанската влада во минатото неколкупати понуди даночни олеснувања со цел да ја поттикне продажбата на автомобили и во знак на поддршка на националниот шампион Fiat, кој наскоро ќе го финализира здружувањето со Chrysler во Fiat Chrysler Automobiles.Fiat Chrysler вработува околу 62.000 лица во Италија и покрива околу 27 проценти од италијанскиот пазар на автомобили.

Во споредба со европскиот просек, Италија има постари автомобили и автобуси. Просечната старост на приватните и јавните автобуси во Италија изнесува 13 години, додека автомобилите во просек имаат по 10 години на грб. Во Европската Унија, автомобилите се стари во просек по 7 години.

Во Македонија, единствениот чекор во насок на „субвенционирање“ на продажбата беше оној на Аутомотив Груп во 2010 година, со откупот на безвредни и неупотребливи стари автомобили, обезбедувајќи на тој начин попуст во висина од 1.600 евра за купување нова Dacia. Оттогаш се нема повторено слична акција која што ќе им го олесни, односно поевтини купувањето нов автомобил на граѓаните. Ослободувањето на увозот за автомобили што судбината ги поштедила од топење во старо железо подоцна се докажа само како начин за брзо зголемување на возниот парк и рапидно зголемување на потрошувачката на гориво. За потсетување, половината од цената на горивата оди за полнење на државната каса.

Неодамна поскапеа патарините, наскоро е можно да се измисли и нова давачка што дополнително би ја поскапела и регистрацијата на возилата. Ригорозно санкционирање на недозволено паркирање и пуштање лакоми „пајаци“ како во колони напаѓаат возила на места што во меморијата на скопјани отсекогаш биле впишани како паркиралишта од немајкаде, претставува само уште еден начин на којшто на перфиден начин се одземаат пари од возачите. Нетолерантни радарски контроли во перифериските подрачја на градовите се во истата функција на собирање „данок“, без каков било интерес стратешки да се влијае на подобрување на безбедносната состојба на улиците. Затоа и не треба да зачудува актуелната градска слика во којашто има сé повеќе велосипеди. Ако можат „небедните“ Холанѓани масовно да користат велосипеди заради задоволство и слобода, тогаш можеме и ние, исто така заради задоволство, но од инает.

Претходна објава50-те најпродавани автомобилски модели во светот до мај
Следна објаваНајштедливиот Jaguar XE ќе троши помалку од четири литри

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here