за

Историја: 50 години на Volvo 1800 S

Со дизајнот потсеќаше на Ferrari, но со моторите од стотина коњски сили тој ќе ја изгубеше секоја трка. Токму овој спој на брзи форми и издржлива техника беше формулата на најуспешниот спортски модел од Шведска.

Шеесетите години беа деценија на експлозија на достигнувањата, работите стануваа побрзи, поголеми, повисоки. Додека млазните авиони и ракетите ги освојуваа небото и вселената, американските крстосувачи, англиските родстери и италијанските купеа со дванаесетцилиндарци ги гореа гумите на асфалтот. Швеѓаните не смееја да останат покусо, особено покрај нивната ориентираност кон извоз.

5804_1_5

Во 1960 година Volvo го претстави заводливото спортско купе P 1800 на салонот во Брисел, кој за миг се претвори во ѕвезда на автомобилската сцена. Купето беше создадено како клуч за отворање на вратите на пазарите во Америка, Африка, Азија и Австралија. Со релативно малата моќност на четирицилиндарскиот мотор, автомобилот на Швеѓаните требаше да ги покаже своите квалитети таму каде што гламурозните суперболиди од Aston Martin, Jaguar и Ferrari ги имаа најголемите проблеми – во издржливоста и во робусноста.

5806_1_5

Но, токму во овие пресудни критериуми попушти и шведското купе, чие што производство се одвиваше кај Jensen во Велика Британија. Дури откако во 1963 година Швеѓаните ја презедоа продукцијата на автомобилот кај себе, во фабриката во Лундби во близина на Гетеборг, можеше да вратат надежите во P 1800. Во меѓувреме и купето ги претрпе модификациите од техничкиот близнак, лимузината P 120 Amazon. Моделот ја продолжи кариерата како 1800 S, при што буквата S не се однесуваше на спортските перформанси, туку на шведското потекло на возилото. Тоа беше голем поттик за продажбата, особено во САД.

5853_1_5

Купето се продаваше на пазарот во САД по цена од 3.995 долари, додека конкурентите Ferrari и Maserati бараа по најмалку 10.000 долари за нивните модели. Швеѓаните ги потстокмија и перформансите, додавајќи неколку коњски сили: Четирицилиндарецот од 1,8 литар доби за 7 проценти поголема моќност, односно 96 КС. Крајната брзина со тоа се зголеми од 170 на 175 километри на час, а забрзувањето до 100 траеше 12,1 секунди. Овие бројки во тоа време беа доволни за Volvo да се трка со Porsche 356 или со Alfa Romeo Giulia Sprint. Швеѓаните почнаа да го рекламираат моделот како „мал Ferrari“.

5800_1_5 (1)

Со бескрајно долгата хауба и со задни перки во стил на златните педесетти, Volvo беше главен автомобилски лик во серијата „Светецот“ со Роџер Мур, кој подоцна ќе стане Џејмс Бонд. Во изборот на автомобил, Volvo успеа да го победи дури и Jaguar E-Type, кој првично беше замислен да се појави во серијата.

Поради безмалку неуништливите мотори и квалитетот на шведското производство, купето на Volvo се нарекуваше „најубав разумен избор“. За издржливоста на моделот најдобро сведочи примерот со Американецот Ирв Гордон. Пензионираниот професор го купил својот 1800 S во 1966 година и до крајот на оваа година ќе ја пречекори границата од три милиони милји, односно 4,8 милиони километри. Гордон беше запишан во Гинисовата книга на рекорди уште во 1998 година, кога неговиот Volvo имаше извозено преку 2,7 милиони километри со оригиналниот мотор и менувач.

5875_1_5

Најголем амбасадор на моделот беше шведскиот крал Карл Густав Шеснаесетти, кој на 18-годишна возраст возеше Volvo 1800 S како свој прв автомобил. Во кралскиот двор беа толку задоволни од моделот што со текот на годините постојано се нарачуваа нови примероци од 1800 S и 1800 E. Покрај убавиот изглед, за тоа придонесоа и многубројните иновации за безбедноста.

„Автомобилите на Volvo и луѓето живеат подолго во Шведска“, гласеше слоганот на Volvo од тој период. Со мали, но редовни освежувања, Volvo 1800 S остана долго во понудата на марката. Во 1964 година беа редизајнирани браниците, потоа неколку пати беше менуван изгледот на маската, а од 1968 година почна да се вградува дволитарецот со 105 КС, кој во следната година доби систем за впрскување на горивото од Bosch.

Полека почнаа да се наѕираат првите знаци на стареење, кои ниту малите серии на кабриолети од англискиот Radford или американскиот Volvoville не успеаја да ги прикријат. Пари за нов модел недостигаа, затоа Volvo се реши на радикален чекор. Во 1971 година, купето 1800 S се трансформираше во спортското комби 1800 ES, како едно од првите возила со оваа каросериска форма. Високата цена, по која што можеше да се купи и Porsche 911 T со добар попуст, не го попречија успехот на новата каросериска форма. Од 1800 ES се продадоа преку 8.000 примероци за помалку од две години, од кои повеќето отидоа за САД.

[tabs type=”horizontal”][tabs_head][tab_title]ИСТОРИЈА НА МОДЕЛОТ[/tab_title][tab_title]ПРОДУКЦИЈА[/tab_title][tab_title]МОТОРИ[/tab_title][/tabs_head][tab]1957: Изработен е првиот од трите прототипи од Volvo P 1800 во Frua во Италија 1960: Светска премиера на P 1800 на салонот во Брисел 1961: Почеток на производството во Велика Британија 1963: Пробно производство во Гетеборг на моделот што се води како 1800 S; моќноста е зголемена на 96 КС, а во САД на 108 КС. Моделско освежување (серија D). Во 1963 и 1964 е службено возило на 24-часа Себринг 1964: Старт на серијата E со мал фејслифт (маска, браници и ентериер). Избрано за „најубаво спортско возило“ на Конкурс д’Елеганс во Баден-Баден 1965: Старт на серијата F со 103 КС, односно 115 КС во САД. Каросериската работилница Fissore претстави студија на комбилимузина на салонот во Торино. Британскиот каросерист Radford изработува мала серија кабриолети од Volvo 1800 1966: Во производствената серија М, купето добива права странична лајсна. Второ место на 24-часа во Дајтона. 1968: Нов дволитарски мотор за 1800 S – Однадвор се препознава по амблемот B20 1969: 1800 Е со електронско впрскување гориво од Bosch и 120 КС; препознатлив белег е црната маска 1971: Претставен е 1800 ЕЅ со заден капак целосно изработен од стакло. Моторите имаат 124 КС 1972: На 22-ри јуни е произведен последниот Volvo 1800 E 1973: На 27-ми јуни се произведува последниот 1800 ES. Осумдесет проценти од возилата произведени во последните две години се извезуваат во САД[/tab][tab]Volvo P 1800 / 1800 S / 1800 E / 1800 ES (1961-1973) вкупно: 47.462 примероци

Од нив:

Volvo P 1800 (1961-1963): 6.000 примероци

Volvo 1800 S (1963-1968): 22.300 примероци

Volvo 1800 S, серија B20 (1968-69): 1.693 примероци

Volvo 1800 E (1969-1972): 9.414 примероци

Volvo 1800 ES (1971-1973): 8.077 примероци[/tab][tab]Volvo P1800/1800 S/1800 E со 1,8-литарски мотор (90/96/103 КС), 2,0-литарски мотор (105/120/124 КС).[/tab][/tabs]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Cadillac со две премиери во Франкфурт

Овој Bugatti ќе се произведе во само три примероци