Историјата на E-Class не е присеќање на минатото, туку само набројување на едно место на моделите што уште се среќаваат секојдневно по улиците. Седумте генерации на E-Class во голем дел го одредуваа развојот на целата автомобилска бранша.
Историјата на Mercedes E-Class и на претходниците зафаќа долго поглавје во историјата на моделите од вишата и високата класа, одбележано под знакот на иновацијата и традицијата во дизајнот. Корените на E-class датираат уште од основањето на марката, кога фирмите претходнички на денешниот Daimler AG доминираат на пазарот во сегментот на моделите позиционирани под луксузната класа. Daimler-Motoren-Gesellschaft или кусо DMG, во 1904 година го нуди Mercedes-Simplex 28/32 PS, додека Benz & Cie. две години подоцна го лансира 24/40 PS. Пред првата светска војна, понудата на Mercedes се состои од десет модели, од кои дури четири спаѓаат во сегментот на денешниот E-Class. Слична разновидност во понудата има и Benz.
По спојувањето на обете претпријатија во 1926 година во Daimler-Benz AG се воведува нова структура во понудата. Први модели на новата марка Mercedes-Benz се Typ 8/38 PS (W 02) од 1926 година, кој две години подоцна е преименуван во Mercedes-Benz 8/38 Typ Stuttgart 200. Тој се смета како претходник на Е-Class, исто како 10/50 PS Stuttgart 260 (W 11) од 1928 година и наследниците од 1930-те години, типовите 200 (1933 година), 230 (1936 година) и дизел варијантата 260 D (W 138, 1936), која што воедно е прв патнички автомобил со дизел мотор во светот.
По втората светска војна се појавува Typ 170 V, развиен уште во 1936 година, кој во почетокот се произведува во верзии на полициско, доставно и амбулантно возило. Во 1947 година следува лимузинската изведба на моделот, како прв повоен патнички автомобил на Mercedes-Benz. Пет години подоцна пристига Typ 180 (W 120) со самоносечка триделна каросерија. Во 1961 година се појавуваат четирицилиндарските верзии на „репашот“ W 110.
По седум години доаѓа следниот голем чекор со серијата „/8“ со фабричка ознака W 115/114. За првпат во гамата на моделот се појавува и купе изедба. Наследникот W 123 од 1976 година го надминува успехот, дополнително збогатувајќи ја гамата со комби-изведба, којашто се води како T-Modell. Периодот меѓу 1984 година и 1995 година е времето на револуционерната генерација W 124. Почнувајќи од неа, од средината на 1993 година, моделот од вишата класа станува E-Class. За првпат во понудата се наоѓа и кабриолет изведба.
https://twitter.com/MercedesBenz/status/730301434751819777
Четирите тркалезни светла и иновативната техника се обележје на серијата W 210 од 1995 година. Во почетокот на 2002 година пристига серијата W 211, за седум години подоцна да следи замена со генерацијата W 212, односно C 207 во кабриолет и купе изведбите. Од почетокот на годинава, E-Class го постигнува веројатно највисокиот револуционерен степен во историјата на моделот со пристигањето на генерацијата W 213.
170 V – 170 DS (W 136/W 191), од 1947 до 1955 година
Во јули 1947 година стартува производството на Typ 170 W, со фабрички код W 136, како прв патнички автомобил на Mercedes-Benz по војната. Новиот модел целосно се базира на истоимениот тип од пред војната, кој со 73.000 примероци е најпродаван модел на марката до 1945 година. Моделот 170 V е столб на понудата на Mercedes. Во 1949 година инженерите го изведуваат дизелот во 170 D врз основа на 1,7-литарскиот бензинец, а моделската понуда се збогатува со попросторната и полуксузна изведба 170 S, којашто од 1952 година е достапна и со дизел мотор во 170 DS (W 191). Со просторната каросерија, високиот возен комфор и квалитетната изработка, овие модели ги поставуваат атрибутите коишто потоа стануваат обележје на сите генерации на E-Class. Последниот степен во развојот на серијата W 136 се типовите 170 S-V и 170 S-D од 1953 година. Серијата се произведува до септември 1955 година.
180 D – 190 „Понтон“ (W 120/W 121), од 1953 до 1962 година
Mercedes-Benz 180 воведува нова ера во август 1953 година. Самоносечката каросерија го означува крајот за застарените конструкции од шасија и независна каросерија. „Понтонската“ форма исто така се смета како ултрамодерна, придонесувајќи за намалување на отпорот на воздухот и за потрошувачката. Типот 180 станува симбол на иновациската моќ на Mercedes-Benz, којашто потоа се провлекува низ целата историја на E-Class. Во 1954 година се појавува дизел-моделот 180 D, за во 1956 година да следи и Mercedes-Benz 190 како трет тип во понудата. Две години подоцна пристига и 190 D. Серијата постигнува продажба од 443.000 примероци.
190 D – 230 „Репаш“ (W 110), од 1961 до 1968 година
Генерацијата од 1961 година е препознатлива со остро извлечените рабови на задните крила, по коишто моделската серија го добива прекарот „репаш“. Комбинацијата од просторност, комфор, моќ, противвредност и штедливост е погодена совршено. Цврстата кабина и зоните на гмечење во предниот и задниот дел на каросеријата поставуваат нови мерила во безбедноста. Моделската серија прво се состои од лимузините од типовите 190 и 190 D, кои од 1962 година за првпат се достапни и со автоматски менувач. Во 1965 година следуваат типовите 200 и 200 D, со повеќе опрема и неколку технички унапредувања. Во исто време е воведен и типот 230 со шестцилиндарски мотор. Безбедноста е унапредена во 1963 година со двокружен систем за сопирање со засилувач на силата на сопирање и сопирачки дискови напред. Од средината на 1960-те години, „репашот“ им удоволува на своите патници со комфорни ставки како автоматски менувач, сервоуправување, електрика за прозорците, сончев покрив и клима-уред.
200 D – 280 E „/8“ (W 115/W 114), од 1968 до 1976 година
Лимузината претставена во почетокот на 1968 година станува првиот милионски модел на Mercedes, со над 1,8 милион продадени примероци. Понудата во почетокот на сочинуваат типовите со четирицилиндарци 200, 220, 200 D и 220 D (W 115), како и шестцилиндарските 230 и 250 (W 114). Дополнителната ознака „/8“, којашто укажува на годината на појавување на моделот, интерно се користи заради разликување од претходникот. За првпат е достапна и купе изведба. Успехот на моделот со две врати е само вовед во зголемувањето на разновидноста од моделски изведби што ќе следува во наредните генерации на E-Class. Како врв во понудата, во 1972 година пристигаат типовите 280 и 280 E. Првиот петцилиндарски дизел во патнички автомобил доживува премиера во типот 240 D 3.0 во 1974 година. Со 80 КС, тој поставува стандарди во поглед на моќноста на дизел моторите.
200 D – 280 E (W 123), од 1976 до 1985 година
Со голема разновидност во моделската понуда, во јануари 1976 година пристига новата генерација W 123, за чијашто испорака мора да се чека и до една година поради огромниот интерес на пазарот. Уште во првата година се понудени типовите 200, 230, 250, 280 и 280 E, како и 200 D, 220 D, 240 D и 300 D. Една година по лимузината се појавува и купе изведбата, лимузина со продолжено меѓуоскино растојание, а за првпат и комби-изведбата T-Modell. Ознаката T се однесува на „туризам и транспорт“, нагласувајќи го двојниот карактер на комбито од вишата класа. Со W 123 пристига и првиот дизел мотор со турбонатполнење на германскиот пазар. За првпат во класата, серијата W 123 добива систем против блокирање на сопирачките во 1980 година, а две години подоцна и воздушна перница за возачот. Рекордите во продажбата можеа да се насетат уште при појавувањето. Од серијата W 123 се произведоа 2,7 милиони примероци, од кои околу 200.000 се во комби изведбата.
200 D – E 60 AMG (W 124), од 1984 до 1996 година
Серијата претставена во 1984 година е првото моделско семејство на Mercedes-Benz, коешто од 1993 година се појавува како E-Class. Лесната конструкција и оптимираната аеродинамика ја намалуваат потрошувачката и ги подобруваат перформансите. Возните својства се подигнати на уште повисоко ниво со иновативната задна оска со повеќе водилки. Mercedes презема пионерски чекор и во пречистувањето на издувните гасови. Сите модели со бензински мотор, од есента 1986 година стандардно се опремени со триканален катализатор. Моделската палета се состои од лимузина, комби, купе, кабриолет и лимузина со продолжено меѓуоскино растојание. Пристига и иновативниот погон на сите тркала 4Matic. Во 1990 година се појавува 500 Е, како прв модел со моќен осумцилиндарец во E-Class. Серијата доживува второ освежување во јуни 1993 година, кога и името се менува во E-Class, аналогно на S-Class и C-Class.
E 200 Diesel – E 55 AMG (W 210), од 1995 до 2002 година
Новата серија од вишата класа на Mercedes во 1995 година гледа „со четири очи“ и ја добива ценетата награда за дизајн „reddot“. За првпат во E-Class се воведуваат три нивоа на опрема: Classic, Elegance и Avantgarde. Во сериската опрема се вклучени бројни технолошки иновации, почнувајќи од електронската контрола на тракција ETS до ограничувач на силата на затегање на безбедносните ремени. Со доплата се достапни и иновации како сензор за дожд или ксенонски светла. Понудата се состои од типовите E 200, E 230, E 280, E 320 и E 420, како и E 220 Diesel, E 290 Turbodiesel и E 300. Во 1998 година следува иновативниот E 220 CDI со директно впрскување со заеднички вод под висок притисок Common-Rail, а во 2000-та година и изведбата E 200 Kompressor. Комбито нуди најголем товарен простор во својата класа. Од есента 1999, сите модели стандардно поседуваат електронска програма за стабилност ESP.
E 200 CDI – E63 AMG (W 211), од 2002 до 2009 година
Техничките иновации досегаат од воздушни перници со повеќе степени на отворање и двостепени ограничувачи на силата на затегање на безбедносните ремени, до активни биксенонски светла кои ги следат свијоците и автоматски клима-уред кој се контролира од сензори. Во 2004 година, Штутгарт го воведува E 200 NGT, како најсилна сериска лимузина со погон на метан. Следната година, сериски E 320 CDI поставува брзински рекорд на патеката Ларедо во Тексас, постигнувајќи просечна брзина од 224,823 km/h на растојание од 100.000 милји, односно над 160.000 километри. Адаптивните светла преоѓаат на следниот еволутивен степен во 2006 година, со Intelligent Light System, кој се приспособува според условите на возење и временските услови. Истата година се појавува E 320 Bluetec, со иновативна дизелска техника, како светска премиера. Во 2007 година е претставен E 350 CGI со модерен бензинец со директно впрскување.
E 200 CDI – E 63 S AMG (W 212), од 2009 до 2016 година
Иновативни системи за асистенција, потрошувачка намалена за 23 проценти и впечатлив дизајн ја одликуваат оваа генерација на E-Class. На лимузината и на комбито им се придружуваат купе и кабриолет изведбите, како наследници на успешната моделска серија CLK. Со коефициент на отпор на воздух од 0,24, купето е најаеродинамичен сериски автомобил во светот. Во 2010 година е изведена посебна верзија со продолжено меѓуоскино растојание за кинескиот пазар, подолга за 14 сантиметри од стандардната. Нови еколошки стандарди поставува E 300 BlueTEC HYBRID во 2010 година, како прв дизел-хибрид на Mercedes-Benz, а една година потоа и E 400 Hybrid. По темелната преработка во почетокот на 2013 година, E-Class настапува со нова дизајнерска препознатливост, поштедливи мотори и со Intelligent Drive, како пакет од единаесет нови и оптимирани системи за асистенција. За првпат моделот од вишата класа е достапен во две изведби на предниот дел, стандардна со ѕвезда на хаубата и спортска со ѕвезда во маската.
E 220 d – E 43 4MATIC (W 213), од 2016 година
Mercedes вози кон иднината со новата генерација на E-Class. Со серијата W 213 пристигаат системи за асистенција коишто ја подигнуваат безбедноста во возење на следното ниво, но и систем што нуди делумно автономно возење. Опционалниот Drive Pilot самостојно го одржува растојанието од возилата напред во сите услови на возење, од град до автопат, со работно подрачје до 210 km/h. Активниот систем за асистенција при промена на лента самостојно и безбедно го префрлува возилото во соседна лента, за што возачот треба само да ја задржи рачката на трепкачите притисната најмалку две секунди.
Стандарден дел од опремата се активниот систем за асистенција при сопирање, кој самостојно го запира возилото при опасност, како и систем за корекција на правецот при страничен ветер. Сите овие системи за асистенција постигнуваат досега највисоко ниво на комфор и безбедност во возењето во E-Class. Надворешниот и внатрешниот дизајн на „најинтелигентната бизнис-лимузина во светот“ се одликуваат со чисти и јасни површини, со висококвалитетни материјали. Со доплата е достапен кокпит со широк дисплеј со висока резолуција и со пречник на двата посебни дисплеја од по 12,3 инчи. Полињата во пречките на воланот кои реагираат на допир овозможуваат ракување слично како со паметен телефон. Преку паметниот телефон може да се ракува и со бравите на вратите, а возилото може и да се паркира во тесен простор, водено преку далечинска контрола.
[FAG id=24351]



























