Овој малечок теренец, на теренот поголем и од многу поголемите од него, поседува некоја волшебна моќ да изнудува насмевка при секое завртување на клучот во бравата.
Кога човек ќе се најде повторно пред ова автомобилче, не може а да не се запраша, зарем е навистина можно Јапонците, таа технолошки супериорна нација, постојано гладна за напредок и усовршување, да го произведуваат овој автомобил и во ерата кога автомобилите само што не почнале да нé возат самите, без потреба од возач? Оваа малечка временска машина е декларација на искреност, тоа што останува кога ќе се остават настрана маркетиншките убедувања за фиктивниот напредок во развојот на автомобилите. Малечкиот Suzuki е повеќе содржина отколку амбалажа, вистински одговор на прашањето дали пазарот и производите ги креираат производителите или потрошувачите.
Не е потребно да мине долго време додека се сфати дека модерните теренци се тие што заостануваат, а не Jimny. Кој уште теренец од новата генерација поседува редуктор, за пробивањето по теренот да продолжи од местото кое што половината од нив не можат да го дофатат ниту со поглед? И кое уште достапно теренско возило поседува засебна платформа, која што не потекнува од компакт или од семејна лимузина?
Неверојатна е способноста за пробивање по теренот на овој Suzuki. Тоа секако не се должи на некакво волшебство, туку на добро осмислениот концепт на возилото
Jimny е лесен, прелесен, и тоа го ослободува целосно од потребата за повикување на помош на некои неортодоксни решенија, како откачување на стабилизатор, за да се добие поголема флексибилност на задната оска, или електроника која што смислува, а недосмислува вистинска стратегија на распределба на погонската сила до тркалата што се најдени во неволја. Тој е дивокозата во природната средина, наспроти теренците што на теренот се несмасни како товена свиња пуштена во планина.
Со крута оска напред и назад, обете водени преку три водилки, Jimny толку умешно ги искосува оските меѓусебно што навистина е реткост и екстрем едно од тркалата да се најде во воздух, бескорисно и беспомошно. Токму затоа и не му се потребни блокади на диференцијал. Предно тркало може да се најде во дупка длабока колку стопало, и задно тркало по дијагонала во исто толкава дупка, а Jimny да помине небаре долу е тазе асфалтиран и беспрекорно рамен пат. Кога задниот погон ќе стане недоволен, излез е копчето со кое што се воспоставува крута врска меѓу двете оски, а кога и тоа ќе стане недоволно, на помош доаѓа редукцијата.
Ловците и авантуристите знаат дека за пробивање по теренот важи правилото – колку помалку техника, толку подалеку на теренот – и затоа често се потпираат на руската легенда Lada Niva. Јапонецот го следи истиот принцип, но го облагородува со сознанието дека сите составни делови на автомобилот ќе останат подолго на место отколку кај Niva.
Jimny наведува на уживање во спартанството до таа мера што возачот ќе посака свесно да заборави да го притисне копчето за отклучување на вратите и како од протест ќе го стави клучот во бравата. Технологијата сепак не недостига. Впечатокот дека се работи за анахрон модел е само симулирана заблуда. Моторот користи варијабилно управување со брегастото вратило за вшмукувачкиот тракт, што се покажува корисно во ситуации кога искусен возач ќе побара ниски вртежи и доволен вртежен момент за извлекување од калта, а не коњски сили. Кобната комбинација за поаѓање од место за модерните теренци нетеренци, од мокра трева и стрмна нагорнина, за Jimny претставува детска игра.
Ова е еден од ретките преживеани теренци од старата школа, и Jimny не пропушта да го потенцира тоа со резервното тркало закачено однадвор, на задната врата со странично отворање.
Колку што ниската тежина и компактните димензии се предност на теренот, толку се од корист и во секојдневието. Малечкиот Suzuki речиси и не познава ограничувања во секојдневието, односно се однесува исто како секој градски автомобил, со таа предност што се има подобра прегледност над сообраќајот, поради повисокото седење. Ширината на каросеријата од 1,6 метар не претставува проблем кога човек сака да го сподели уживањето во возењето, а истото важи и за просторот на задната клупа. Простор има колку што може да се очекува во возило од 3,6 метри, малку повеќе поради повисоката кабина и седиштата поставени на повисоко, а малку помалку поради надолжно вградениот мотор. Последново важи повеќе за просторот од 113 литри што останува зад задната клупа како багажник.
Просечната потрошувачка на гориво од осум литри го прави уживањето целосно
Тоа што треба да се очекува во Jimny е возење со малку повисоко ниво на вртежи и потскокнување на каросеријата при брзина на автопат, поради кусото меѓуоскино растојание. Крајната брзина од 140 километри на час на автопат е сосема неважна. Кому уште му се потребни автопатишта покрај Jimny? Наследникот нека почека уште неколу години… ако Jimny треба воопшто да има наследник.
[box type=”info” ]Во деновите кога Jimny беше на тест, увозникот Маккар го очекуваше новото моделско годиште, со променет изглед на хаубата, со интегрирана маска и со нова форма на браниците. Во внатрешноста се новитет полните потпирачи за глава и облогите на седиштата. Додадени се и неколку ставки во опремата, но цената на моделот остана непроменета – исто како и карактерот на возилото. Затоа, сé што е кажано за овој Jimny важи и за новото моделско годиште – ова е култен автомобил на кого што годините само му додаваат на вредноста.[/box]
Технички податоци | Suzuki Jimny 1.3 VVT |
Мотор | 4 цилиндри, 16 вентили, бензински, dohc, варијабилно управување со вентилите во вшмукувачки тракт |
Работна зафатнина | 1328 cm3 |
Пречник и од | 78,0 х 69,5 mm |
Моќност | 85 КС при 6000/min |
Вртежен момент | 110 Nm при 4100/min |
Компресија | 9,5:1 |
Погон и пренос | Погон назад, мануелно вклучување на погон на сите тркала, редукција |
Менувач | 5 степени, мануелен |
Подвозје | |
Водење на тркалата напред | Крута оска со три водилки, спирални пружини |
Водење на тркалата назад | Крута оска со три водилки, спирални пружини |
Управување | Со полжавест преносник |
Гуми | 205/70 R15 |
Димензии на каросерија | |
Д х Ш х В | 3665 х 1600 х 1705 mm |
Меѓуоскино растојание | 2250 mm |
Багажник | 113/816 литри |
Тежини | |
Празно возило | 1060 kg |
Носивост | 360 kg |
Резервоар | 40 литри |
Перформанси | |
Крајна брзина | 140 km/h |
0-100 km/h | 14,1 s |
Потрошувачка град/пат/просек | 8,9/6,0/7,1 L/100 km |
[tabs type=”horizontal”][tabs_head][tab_title]Сериска опрема во Sport (14.400 евра)[/tab_title][tab_title]Сериска опрема во Mode (14.900 евра)[/tab_title][/tabs_head][tab]Две воздушни перници, АВЅ, Алуминиумски бандажи од 15 инчи, носачи за багаж на покрив, магленки, ветробран со заштита од УВ зраци, електрика на ретровизори и на прозорци, централна брава со далечинска команда, клима уред, радио, преклопливо совозачко седиште за пристап назад[/tab][tab]Дополнително од ниво Sport: Носачи за багаж на покрив во сребрена боја, кожа на волан, кожа на седишта и на облоги на врати Дополнително се нуди и Sport Cabrio за 15.800 евра. Металик лак чини 300 евра.[/tab][/tabs]
[nggallery id=64]