за

Има ли иднина за Top Gear? Лошите вести се најдобри вести

Единствено паѓањето на германскиот авион успеа да го одвлече вниманието на светот од Џереми Кларксон и неговата емисија. Но, факт е: Top Gear доби гигантски публицитет (повторно) и можно е шоуто сепак да продолжи.

Во средата беше потврдено дека култната емисија за автомобилизам и уште многу други придружни работи Top Gear повеќе нема да се емитува. Денес, пак, еден од директорите на BBC повторно ги враќа во живот надежите на фановите. Ален Јентоб, директор за креатива во британскиот гитант изјави дека не го исклучува враќањето на Џереми Кларксон. Тој ја оправдува одлуката на BBC за отпуштање на Кларксон, но говори и во одбрана на водителот: „Тешко е да се објасни како се случи тоа. Напорна работа, постојан стрес во текот на целата година, итн.“ Џејмс Меј, колега на Кларксон и водител на шоуто, во интервју за „Дејли Мејл“ изјави дека уште е рано да се зборува за откажување, но не пропушти да посочи дека „Топ Гир е шоу со Хамонд, Кларксон и мене, како пакет, така функционира тоа.“

Полицијата води истрага за случајот Кларксон

Во меѓувреме, полицијата во Јоркшир води истрага за случајот со Кларксон и продуцентот Ојсон Тајмон. Во соопштението на полицијата се наведува: „Контактиравме со Тајмон. Доколку се работи за очигледна телесна повреда, мораме да ја исполниме нашата обврска, тоа е обична рутина“. Оттука се чини дека следат уште поголеми неволји за Кларксон.

Според директорот на BBC, Тони Хол, немало многу простор за избор во случајот со Кларксон. „Тој ја пречекори границата. Тоа што се случи не може да се врати назад“, коментира директорот. Кларксон физички го нападна продуцентот Тајмон при караница заради слабиот кетеринг по снимањето на шоуто.

Првата пресвртница на Top Gear се случи во 1988 година, откако Џереми Кларксон ја презеде здодевната емисија за автомобилизам со нагласок на техниката и ја претвори во забавно шоу за широката публика. Ричард Хамонд и Џејмс Меј се приклучија во шоуто во 2003 година. Најголемиот радиодифузен канал во светот сигурно ќе претрпи голема загуба поради отпуштањето на Кларксон, како во поглед на гледаноста, така и во поглед на финансиите. Според „Бизнис Инсајдер“ франшизата за Top Gear вреди околу 70 милиони евра. Очигледно не се работи за обична емисија којашто водителот ја користи да си го испере автомобилот пред камерите. Радиоводителот Крис Еванс во инсајдерските кругови важи како фаворит да го наследи Кларксон, иако тој го демантираше тоа во неговото шоу во средата.

Прашањето е дали BBC ќе дозволи да го изгуби овој рудник за пари и пеглачница за имиџ или сепак се работи само за намерно продуцирана афера, којашто ќе донесе уште поголема гледаност на Top Gear? Со Кларксон, Хамонд и Меј, секако.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi R8 пристигна во својот дом во Некарсулм

Mercedes без идеја: Пикап по пример на Volkswagen Amarok?