за

Златен волан за најдобрите автомобилски новитети на годината

Седум новитети се одликувани со ценетиот „Златен волан“ во изборот за најдобри автомобили на годината во организација на Auto Bild и Bild am Sonntag. Голем триумф за Renault Megane и прво врачување награда за автомобил за пионерот на електромобилноста и шеф на Tesla, Илон Маск.

Најдобрите новитети на годината беа одликувани со „Златен волан“ на 41-то издание на изборот во организација на европскиот број еден меѓу автомобилските магазини, групацијата Auto Bild и неделникот Bild am Sonntag. Изборот се одржува од 1976 година и се вбројува меѓу најважните избори на автомобил на годината во Европа.

Златен волан

Над двестотини врвни менаџери од автомобилската индустрија, политичари и новинари присуствуваа на свеченоста во седиштето на издавачката куќа Axel Springer во Берлин. Меѓу гостите присуствуваше и шефот на Tesla, Илон Маск, кој во 2014 година го презеде „Златниот почесен волан“, како награда што се доделува на личности со најголеми достигнувања во браншата, за годинава тој за првпат да добие награда и за еден од своите модели, за кросоверот Tesla Model X.

Вкупно 24 новитети се пласираа во финалниот круг на изборот. Ова се победниците во седумте категории.

  • Малечки и компактни автомобили: Renault Mégane
  • Компактни теренци: Audi Q2
  • Големи теренци: Tesla Model X
  • Средна и виша класа: Jaguar XF
  • Спортски автомобили: Audi A5 Coupé
  • Возила со алтернативен погон: BMW i3
  • Најубав автомобил: Alfa Romeo Giulia

За победниците на изборот „Златен волан“ гласа независно жири составено од техничари, тркачи, експерти за конективност, дизајнери, јавни личности, како и уредници од европските изданија на Auto Bild.

Финалето се одвива на тркачката патека на Pirelli во италијанскиот Балоко

Читателите гласаат за своите фаворити во првиот круг од изборот. Финалистите потоа продолжуваат на четиридневно тестирање и оценување од жирито, на тркачката патека на Pirelli во Балоко, Италија.

„Златниот почесен волан“ годинава и припадна на шефицата на американскиот General Motors, Мери Бара. Најзаслужните личности во автомобилската бранша ја добиваат оваа награда уште од 1983 година. Германската издавачка куќа тогаш му го врачи „Златниот почесен волан“ на Хенри Форд Втори, внук и поранешен претседател на компанијата Ford.

[FAG id=26260]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche Panamera пристига во долга и во „евтина“ изведба

Специјална серија од Mazda MX-5 RF ќе биде достапна само онлајн