за

Започнува четвртата индустриска револуција

Иновациите во софтверот и електрониката добиваат сé повеќе на значење во автоиндустријата, почнувајќи од развојот на ново возило до меѓусебното поврзување на возилата во мрежа.

На саемот на електроника CES во Лас Вегас, производителите на автомобили покажаа колку денес се зближени автомобилската и информациската технологија. Таму видовме BMW што самостојно „дрифта“, виртуелен дисплеј во Audi, Mercedes кој комуницира со паметен часовник. Четвртата индустриска револуција во производството на автомобили е во полн ек. Денес не може да се помисли некој сложен и индустриски произведен продукт да се развива без посебна компјутерска програма.

Во Ford пресметаа дека околу 60 проценти од иновациите во автомобилот доаѓаат во подрачјето на софтверот и електрониката. Тоа не се однесува само на електронски контролираните системи за асистенција, како радарски темпомат или систем за самостојно запирање при опасност од судир, туку и за целиот производствен процес на автомобилите.

Краш тестовите веќе со години се симулираат компјутерски

Дигиталните системи нудат виртуелни платформи со чија помош се зголемува ефикасноста на сите процеси во развојот и производството. Компонентите на возилата, како на пример задната оска, директно се конструираат со 3D квалитет на компјутер и се поставуваат во каросеријата. Реалните деформации на каросеријата при судир исто така се дознаваат виртуелно, без потреба од извршување на безбројни и скапи краш-тестови со вистински возила. Во новата „умна“ фаза на индустријата се вбројуваат и мрежното поврзување и синхронизацијата со добавувачите, исто како и виртуелното отсликување на производствена линија, вклучувајќи управување со работата на роботите.

Следна цел на браншата е производство на автомобил со нула дефекти. Овој амбициозен проект ќе овозможи возилата во иднина да се симнуваат од производствната лента без каков било дефект. Можеби тоа звучи како научна фантастика, особено ако се има во предвид колку се зачестени сервисните повици за автомобилите во последниве години, но извесно е дека тоа ќе се случи.

Во четвртата индустриска револуција, по воведувањето на парната моќ, масовното производство и автоматизацијата, интелигентни машини ќе управуваат самостојно и ќе се коригираат при грешка, но и самиот производ, конкретно автомобилот, ќе биде во состојба самостојно да изврши поправки на себе при грешка во производствениот процес. Иднината ќе биде возбудлива.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Не се само изборите: ADAC мамел и на тестовите

Контроверзи околу новото разладно средство R1234yf