ЕУ бара наплата на патарина според емисијата на СО2

Европската Комисија предлага висината на патарината да се наплаќа според емисијата на СО2 за сите видови моторни возила. Оваа мера треба да донесе намалување на уделот што сообраќајот го има врз загадувањето на животната средина. Се повлекуваат и вињетите.

За првпат на ниво на цела ЕУ ќе важат единствени принципи за одредување на висината на патарината за моторните возила. Според последниот предлог на Европската Комисија, за патничките автомобили, камионите, автобусите и доставните возила ќе се наплаќа дополнителна ставка покрај редовната патарина, чијашто висина ќе се одредува според емисијата на СО2.

За возилата со повисока емисија ќе се наплаќа повисока патарина, за оние со пониска емисија ќе биде пониска и патарината. Според тоа, мерата нема за цел да го зголеми приходот од наплата на патарина, туку првенствено е замислена да го поттикне преоѓањето на почисти возила. Учеството на тешките товарни возила во сообраќајот е мало во споредба со останатите возила, но тие произведуваат една третина од вкупната емисија на СО2 од сообраќајот.

Европските производители на автомобили го подржуваат предлогот, но со реални вредности

Европското здружение на производители на автомобили го подржува предлогот, но само доколку се земаат во предвид реалните вредности на емисијата на СО2 на возилата. „Секоја наплата на патарина којашто не ја зема во предвид реалната емисија на целата комбинација на возило (вклучувајќи ги гумите, тежината и аеродинамиката), ќе предизвика назадување на возниот парк,“ коментираат од Здружението.

https://www.facebook.com/EUClimateAction/photos/a.357375894338908.81607.356583437751487/1264602116949610/?type=3

Во ЕУ важи единствена правна рамка за товарните возила, но патарината за приватните возила ја одредуваат владите во одделните земји членки. Новиот предлог не ги обврзува државите да користат одредена шема за наплата на патарина за патнички или товарни автомобили, туку само ги поставува принципите коишто треба да се почитуваат доколку државите решат да ја применат шемата.

Шпедитерите се противат на можното укинување на вињетите

Патарините се чувствителна политичка тема и се очекува предлогот да предизвика противење и кај властите и кај возачите. Германија долги години водеше спор со ЕУ околу предложената шема за патарина, за којашто Брисел сметаше дека ги дискриминира странските возачи, сé додека земјата неодамна не ја смени шемата според барањата на ЕУ.

Со новиот предлог ќе се укинат и системите за наплата врз временска основа, односно со вињета, кога патарината се плаќа за одреден временски период. Шпедитерите се противат на оваа мера со којашто ќе им се зголемат трошоците, а дополнително ќе мораат да инвестираат и во скапи уреди за наплата според извозениот пат.

Предлогот ќе биде објавен до крајот на мај, по што истиот ќе мора да добие одобрение од Европскиот Парламент и од државите членки.

Претходна објаваMG се враќа на европскиот пазар во 2019 година
Следна објаваLynk & Co воведува шведско-кинеска револуција во браншата

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here