за

Електрични автомобили ќе ги освојат богатите метрополи до 2030 година

Volkswagen ID.
Првиот „народски“ електричен автомобил од идното семејство модели ID. ќе стартува во 2020 година

Студија на реномирана агенција предвидува дека до крајот на деценијава во богатите светски метрополи ќе преовладуваат автомобилите со погон на струја. Заслугата за тоа е во намалувањето на цената на електричните автомобили, заинтересираноста на возачите за купување таков автомобил, но првенствено во строгите закони за зачувување на квалитетот на воздухот во градовите.

На конференцијата за иднината на енергијата во Лондон е презентирана последната студија на познатата консултантска куќа McKinsey, којашто заклучува дека два од три автомобили по улиците во богатите метрополи, како Лондон или Сингапур, до крајот на следната деценија ќе користат електричен погон. Аналитичарите оценуваат дека водечките компании, како Volkswagen или Daimler, вложуваат интензивно во воведувањето модели со погон на струја во следните неколку години.

Volkswagen неодамна ја претстави студијата I.D. на салонот во Париз, како најава за идниот електричен автомобил којшто ќе биде подеднакво важен за развојот на автомобилската бранша, како „бубата“ или Golf. Концернот од Волсбург ветува дека серискиот автомобил ќе чини исто колку Golf со дизел мотор. До 2025 година ќе следат уште триесетина автомобили со погон на струја од сите марки на концернот.

Десеткратно намалување на цената на батериите за една деценија

Големи ветувања пристигаат и од „автомобилскиот пионер“ Mercedes, којшто под новата подмарка EQ специјализирана за електрични автомобили, ќе претстави 10 модели со погон на струја до средината на идната деценија, што на марката ќе ѝ обезбеди лидерство во премиум сегментот.

Студијата посочува и на драстичниот пад на цената на електричниот погон. Додека цената на батериски модул во 2010 година изнесуваше 1.000 долари по киловатчас и истата се намали на 350 долари по киловатчас во минатата година, во почетокот на следната декада таа ќе падне на помалку од 100 долари по киловатчас.

McKinsey заклучува дека автомобилскиот сектор во иднина ќе се соочи со големи промени и со потреба од трансформација на продажниот модел, од класични сопственици на автомобил, во корисници на најширок дијапазон на транспортни услуги. Соодветни промени мора да претрпи и продажната инфраструктура на фосилни горива, со поставување полначи за електрични автомобили и услуги за корисниците на овие возила.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Местото на автомобилот е дома кога надвор дивее ураганот Метју

Ова се земјите со најголемо производство на автомобили