Opel стартуваше со продажба на електричниот автомобил од кого се очекува да даде силен поттик за електромобилноста. Но, со цената којашто ја постави Opel, мала е веројатноста дека Ampera-e ќе им се спротивстави на докажаните играчи во сегментот. Електричниот Opel засега се нуди само во Норвешка и поскап е дури и од премиум-електромобилот BMW i3.
Opel ја избра Норвешка како прв пазар на којшто ќе биде достапен новиот електромобил e-Ampera. Цената долго време се премолчуваше и досега се чинеше дека таа ќе биде најсилен адут на новото поколение електрични автомобили на Opel, по истоимениот претходник, без „е“, посилен дури и од „шампионскиот“ досег до 500 километри. Но, молчењето имало друга причина.
Цената на e-Ampera на норвешкиот пазар изнесува 299.900 круни или 33.200 евра. За споредба, електричниот компакт на BMW, кој припаѓа во премиум сегментот и се одликува со иновативна конструкција, меѓу другото вклучувајќи карбонска структура на каросеријата, чини 267.500 норвешки круни или околу 29.600 евра. Светскиот бестселер Nissan Leaf, со цената од околу 205.000 круни или 22.700 евра, речиси е „багателна“ понуда во споредба со Opel e-Ampera.
https://automedia.mk/objavi/26704
Во цените на трите модели се вклучени широкоградите повластици со коишто норвешката држава ја поттикнува електромобилноста. Во земјите што слабо ја субвенционираат продажбата на електромобили, цената на моделот ќе биде уште повисока. Opel ја избра Норвешка поради богатата инфраструктура од полначи за електрични автомобили, но првенствено поради еуфоријата околу погонот на струја во скандинавската држава, кадешто пред само неколку денови беше регистриран стоилјадитиот автомобил со електричен погон. Лани секој петти нов автомобил во Норвешка е модел со електричен погон.
Возилото што на европскиот пазар пристига под знакот на Opel всушност е Chevrolet Volt и се произведува во САД. Следни земји кадешто ќе се појави новиот електромобил се Германија, Холандија, Франција и Швајцарија, за во 2018 година пазарот да се прошири и во останатите европски земји.
















