за

Електричниот Фолксваген по супертестот на 100.000 километри во АДАК

Електричниот Фолксваген ИД.3 за две и пол години мина 100.000 километри во служба на АДАК. Клубот пријави неколку слабости, но севкупното искуство е позитивно.

Бројни критики се насочени кон Фолксваген ИД.3. Главните забелешки се насочени кон тоа дека развојот на моделот бил недовршен и дека заради заштеда се користени поевтини материјали во внатрешноста. Слабост се и постојаните проблеми поврзани со софтверот.

Фолксваген во почетокот на 2022 година најави освежување на софтверот за постарите модели, но и тоа се оддолжи. Место новата верзија 3.х да се вчита како кај мобилен телефон, сопствениците мораа да се упатат во сервис и софтверот да се вчита преку системот за дијагностика. Со тоа сепак беа надминати дел од проблемите.

Во изведбата со батерија од 77 киловатчасови нема главоболки околу досегот

ИД.3 е долг 4,26 метри и тежи солидни 1,9 тон. Електромоторот располага со максимална моќност од 150 киловати, односно 204 КС, и вртежен момент од 310 њутнметри. Со големата батерија од 77 киловатчасови, фабриката пресметува досег од 525 километри.

Во досегашните две и пол години служба во техничкиот центар на АДАК во Лансберг, инженерите на клубот имаат главно добро мислење за првиот електричен модел на Фолксваген врз посебна платформа. ИД.3 е стабилен, има комфорни седишта и примерни перформанси. Возилото честопати било користено и за подолги патувања.

Фолксваген ИД.3 пред две години беше на тест во Аутомедиа · Сликано во фотоволтаичката централа во Војшанци, неготинско

Забрзувањето до темпо сто трае 7,9 секунди, крајната брзина е ограничена на 160 километри на час. Со умерено возење може да се смета на реален досег од околу 400 километри. При температури под нула, досегот се скусува на 300 до 320 километри.

АДАК како пример го наведува возењето долги 400 километри, при 9 степени под нулата, до глечерот Ретенбах во Тирол, на висина од близу 2.700 метри, и назад, без потреба од полнење на батеријата. При долгото спуштање делумно се поднаполнила истата.

Техничарите на АДАК ја измерија брзината со којашто се полни батеријата на ИД.3. По апдејтот, батеријата полни и до 30 проценти побрзо, односно со моќност до 160 киловати. Тоа значи дека полнењето на батеријата, доколку стои на располагање соодветно брз полнач, ќе трае помалку од 30 минути.

Проблематични подрачја се софтверот и ракувањето

Инженерите на АДАК се едногласни околу материјалите и лизгачите за местење на температурата и на силината на звукот на радиото, под средишниот дисплеј. Местењето е непрецизно, а ноќе не се гледаат лизгачите, затоа што се неосветлени.

Непрактични се и сензорските полиња на воланот, коишто изгледаат убаво, но со нив се ракува тешко и без осет. Често се прават грешки.

Фолксваген ИД.3 во нашиот онлајн-каталог со сите нови автомобили што се во понуда на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Volkswagen ID.3 Pro Performance

Простор за подобрување има и во инфо-забавниот систем, за чиешто вклучување е потребно предолго време. Проблем е тоа што при секое седнување мора да се пријави корисникот. Според Фолксваген, тоа е условено со законите за заштита на податоци. На системот му е потребна и „секунда за мислење“ додека командата од дисплејот ја спроведе на дело.

Позитивен биланс по 100.000 километри

И покрај сите критики, крајната оцена по 100.000 километри е позитивна. Покрај тоа што батериската техника и полнењето се сосем дораснати на предизвиците, Фолксваген ИД.3 е автомобил што е привлечен за возење и поради класичните квалитети (подвозје, управување, седишта).

Кабината е просторна за четворица патници и багажникот е доволно голем. Амортизацијата е комфорна и за подолг пат, а добрите седишта ја заокружуваат позитивната атмосфера. Во град одушевуваат темпераментниот погон и малиот круг на вртење.

Малку поправки, само една посета на сервисната работилница

Додека со автомобил со обичен мотор со внатрешно согорување, за 100.000 километри ќе се направат најмалку три редовни сервисирања (замена на масло итн.), со Фолксваген ИД.3 треба да се посети сервис на секои две години, независно од километражата. На првото редовно сервисирање, електричниот автомобил имал поминато 74.271 километри.

Трошокот за одржување е мошне прифатлив со 500 евра, иако и тоа не е премногу евтино.

Електричниот Фолксваген сепак морал да го посети сервисот непланирано – поради напукнат ветробран, веројатно од удар од камче на патот, при 23.495 километри. Осигурувањето ја надоместило штетата.

При 55.000 километри почнало да се слуша тропање од задниот десен дел на возилото, додека се маневрира напред назад при паркирање. Фолксваген го заменил оштетеното погонско вратило, во рамките на гаранцијата. Кусо пред завршетокот на супертестот, трошањето пак се вратило.

Добра општа состојба на батеријата

Главното прашање, како издржува скапата батерија? За време на тестот, возилото повеќепати било проверувано. Состојбата на погонската батерија по 100.000 километри: Задржани се 93 проценти од првичниот капацитет на батеријата, што е сосем во рамки на очекувањата. Тоа е далеку од вредноста од 74 проценти, што фабриката ја гарантира по извозени 100.000 километри.

Мерење на капацитетот на батеријата за време на супертестот на 100.000 километри според две различни методи

Фолксваген ИД.3 продолжува со тестот во АДАК до следната фаза, на 160.000 километри. Доколку батеријата претрпи оштетување по надминувањето на таа километража, трошоците повеќе не ги покрива производителот. Техничарите на клубот сепак не се сомневаат дека батеријата ќе издржи без проблеми.

Volkswagen ID.3 ја тестира електромобилноста во Македонија

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во Мерцедес вештачка интелигенција ги пишува интерните мејлови

Киа во октомври продаде близу 260.000 возила, Соренто прв во Кореја