Во Мерцедес вештачка интелигенција ги пишува интерните мејлови

Мерцедес воведе интерна апликација за веб за своите вработени. Мерцедес-Бенц Директ Чет ја користи фамозната технологија ЧетГПТ, односно станува збор за генератор на текст, што благодарение на машинското учење е способен за неколку секунди да даде прецизни и точни одговори.

Вработените во Мерцедес-Бенц користат вештачка интелигенција што им помага при составувањето е-пораки, извештаи, документации и други документи поврзани со работата. Технологијата што се заснова врз ЧетГПТ дозволува и подолги текстови, во почетокот само на германски и англиски јазик.

Намерата е преку примената на вештачка интелигенција да се поедностават работните постапки и задачи првенствено во администрацијата, за на тој начин да се заштеди време. Преку секојдневната примена на оваа технологија, компанијата ќе стекнува и искуства и сознанија, што понатаму ќе бидат корисни при изработката на решенија за клиентите.

Воведувањето на Мерцедес-Бенц Директ Чет врз основа на Мајкрософт Азур ОпенАИ обележува важна пресвртница на нашиот пат кон дигитална компанија и уште поефикасна иднина
Јан Брехт, шеф за информатика во Мерцедес-Бенц Груп АГ

Поголемиот дел од работниот персонал ќе почне да ја користи апликацијата уште пред завршетокот на годинава. Секако дека изработените текстови мора да се проверат пред да се испратат и мора да бидат означени дека се составени со помош на КИ.

Мерцедес организира обуки од најразлично ниво за своите вработени, за работа со вештачка интелигенција. Концернот за таа цел вложува преку две милијарди евра во светски рамки до 2030 година.

Сабине Колајзен, членка на управниот одбор, надлежна за персоналот, објаснува дека „вештачката интелигенција не само што може да преземе рутински задачи што се повторуваат, туку може да помогне и при креирањето. Тоа растоварува и ослободува простор за креативни и попредизвикувачки работи.“

„Не е прашањето дали ќе се користи вештачката интелигенција, туку како“, порачуваат од компанијата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Претходна објаваСалоните на Тојота Краун изгледаат како јапонска градина
Следна објаваЕлектричниот Фолксваген по супертестот на 100.000 километри во АДАК

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here