Почнувајќи од 1955 година, Тојота досега лансираше шеснаесет генерации од моделот Краун, како знаменосец на понудата на јапонската марка. Тековниот модел, еден од последните автомобили од ерата на Акио Тојода како извршен директор, повеќе не е еден, туку се четири модели. Краун во меѓувреме добива и сопствена мрежа од салони, засега само во Јапонија.
Краун е круната на Тојота и таа се пренесува од генерација во генерација уште од 1955 година. За разлика од останaтите модели на најмоќниот јапонски и светски производител на автомобили, досегашните моделски серии на Краун остануваа резервирани главно за домашниот пазар, иако во одедени периоди моделот се нудеше и во САД, Европа и други региони.
Новиот Краун менува многу нешта, почнувајќи уште од каросериската основа. Првпат во историјата, Краун се нуди во четири различни моделски изведби: Кросовер, спорт, седан, комби.
Првата каросериска изведба, кросоверот, во меѓувреме почна да се продава и во САД, каде што солидно го пречекорува прагот од 50.000 долари. Тојота ќе го нуди Краун на четириесетина пазари ширум светот, како подмарка.
Во видеото што го објави Тојота е прикажан првиот самостоен салон на Краун, што беше отворен во октомври во Јокохама. Јасно се препознатливи обележјата на јапонскиот стил на градење и уредување на просторот, меѓу другото и на традиционалната јапонска градина.
Посебност во првиот, а веројатно и во останатите салони на Краун, се масите во секоја просторија во салонот, што се изработени од масивно дрво, вклучувајќи и камфор, што шири посебна миризба.
Овој впечатлив дел од просторот е во согласност со идејата на Акио Тојода, за новата генерација на Краун да биде развиена како спој на традиционалното и современото.















