Место најавените 40.000 евра, BMW ќе го нуди моделот i3 за 4.000 евра поевтино. Сериската верзија на автомобилот на струја на Баварците ќе дебитира наесен во Франкфурт.
Куќата со сино белиот знак веќе има примено 100.000 нарачки за пробно возење на i3, автомобилот со погон на струја и иновативна каросерија изработена од лесен и цврст карбон. Според последните најави од BMW, возилото долго нешто помалку од четири метри требаше да чини колку најевтината моделска верзија од серијата 5, односно колку BMW 520i. Место тоа, i3 ќе чини десетина проценти помалку, односно исто колку подобро опремена верзија од серијата 3.

Со доплата од 2.000 евра се нуди мотор за продолжување на автономијата, кој се вклучува откако ќе се испразнат батериите и работи како генератор, односно повторно ги полни батериите при возењето. Со енергијата во батериите, BMW i3 ќе минува до 160 километри. По совладувањето на оваа дистанца се вклучува бензинскиот мотор, кој потекнува од мотоциклите на BMW, и ја зголемува автономијата како кај автомобил со обичен погон.
Во Франкфурт ќе дебитира и сериската верзија на BMW i8
Баварците го поместуваат понапред и датумот за претставување на хибридот со приклучок за полнење, i8. Исто како i3, спортскиот автомобил со системска моќност од 356 КС поседува каросерија од карбон. Забрзувањето до сто трае помалку од пет секунди, а просечната потрошувачка изнесува 2,7 литри. Доколку се користи само енергијата во батериите, i8 може да мине 35 километри. Цената на овој модел ќе биде над 100.000 евра.
