за

Електриката е најголем непријател на користените возила

Водечка компанија за осигурување на користени возила тврди дека секој четврти купувач на возило од втора рака мора да го посети сервисот во првите три месеци по купувањето. Најчест проблем е електриката.

Купувањето користен автомобил без гаранција е ризична работа. Тоа е заклучокот од студијата на CG Car Garantie, една од водечките компании што се специјализирани за осигурување на користени возила во Европа. Според студијата, 24,7 проценти од купувачите на возило од втора рака мораат да отстрануваат дефект уште во првите три месеци по купувањето на возилото. По 5.000 километри, проблемите зачестуваат уште повеќе, односно 32,9 проценти од возилата покажуваат дефект.

Статистиката на CG Car Carantie се темели на 596.137 гаранциски договори за користени возила и 326.806 продолжени гаранции за нови возила од сите марки и модели во период меѓу 12 и 36 месеци, чија што правоважност завршила во текот на минатата година.

„Новите технологии прават нашите автомобили да бидат побезбедни, почисти и покомфорни“, кажува шефот Аксел Бергер. „За жал, тие стануваат сé посложени, што резултира со поголема веројатост за дефект и со повисоки трошоци за поправка“. Просечната вредност по штета во минатата година се зголемила на 497 евра, што е две евра повеќе отколку во предминатата година. Во поглед на најчестите дефекти, електриката и електрониката и натаму учествуваат најмногу во групите на дефекти, со 20,6 проценти. На второто место се проблемите со системот за напојување со гориво (20,0 проценти), а на третото се дефектите на моторот (8,8 проценти).

10.000 евра за нов мотор

Растечката потреба на купувачите за повеќе комфорна електрика во возилата остава траги во статистиката на Car Garantie. Покрај претходно наведените проблеми со електриката, дополнителни 10,9 проценти од дефектите отпаѓаат на електриката во сончевите покриви, подигнувачите на прозорците, ретровизорите, паркирните сопирачки, местењето на седиштата и капакот на багажникот. Помалку дефекти се јавуваат во клима уредите (7,7 %), менувачите (4,4), сопирачките (3,9), управувањето (3,7), издувните системи (3,4) и безбедносните системи (2,1).

Очекувано, најскапи се дефектите на моторот, на кои отпаѓаат 19,5 проценти од вкупните трошоци за отстранување на дефекти, пред системот за напојување со гориво (18,0 %) и електриката (13,7 %). Осигурителите на Gar Carantie најмногу ги загрижуваат растечките трошоци за отстранување на дефектите кај моторите. Кај возилата од средната класа неретко се потребни износи за поправка во висина од 10.000 евра, поради тоа што постојаното скусување на моделските циклуси и растечкиот број на варијанти на мотори често пати не може да се најде мотор за замена.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Милион наелектризирани Јапонци во 2018 година

Дупла порција воздух за турбо кабриолетот на Porsche