Карим Хабиб, по неодамнешното заминување од местото на главен дизајнер во BMW, од јули ќе биде задолжен за изгледот на моделите на престижната марка на Nissan.
Хабиб доаѓа на местото на Алфонсо Албаиса, којшто е унапреден во шеф за глобалниот дизајн на Nissan. Канадскиот автомобилски дизајнер со либанско потекло, во 2012 година беше ангажиран за главен дизајнер за марката BMW, како наследник на Адријан ван Хојдонк.
По завршувањето на инженерските студии на канадскиот универзитет Мекгил, Хабиб го продолжува своето образование на прочуената дизајнерска школа Арт Центар во Пасадена, Калифорнија. Тој се вработува во BMW во 1998 година, кадешто учествува во создавањето на надворешниот дизајн на сериите 5 и 7, како и на Concept CS, преоѓа во конкурентскиот Mercedes во 2009 година и ги дизајнира студиите F700 и F800, за две години подоцна да се врати во BMW. Последното негово дело за минхенската марка е рестилизираната серија 4.
Овој 47-годишен дизајнер ќе работи во техничкиот центар на Nissan во Ацуги, Јапонија и ќе раководи со дизајнерските тимови на престижната марка Infiniti во Јапонија, Кина, САД и Лондон.
















