Производителите користат заеднички делови за повеќе свои модели. Но, заеднички делови користат и повеќе производители. Ако добавувачот направи утка, сите марки ќе бидат погодени од тоа. Сега се случува огромен сервисен повик, поради грешка во производството кај добавувачот на воздушни перници.
Поради можност од грешка во производството на воздушната перница за совозачот, јапонските производители на возила повикуваат во сервис 3,4 милиони возила. Проблематичниот производител е јапонската фирма Takata. При активирање на воздушната перница, притисокот може да предизвика пукнување на перницата, поради што таа не се надувува доволно и не може да обезбеди заштита. Најмногу возила има од Toyota. На глобално ниво, 1,73 милион возила на најголемата јапонска марка мора да посетат сервис. Моделите се повеќе: Yaris, Corolla, Avensis, Avensis Verso. Кај благородната марка Lexus, проблемот може да се појави кај родстерот SC 430. Погодени се возила произведени меѓу 2000 и 2004 година.
Honda, исто така повикува во сервис 1,14 милион возила. Проблемот се јавува кај Civic, Stream, Jazz и CR-V произведени меѓу 2001 и 2003 година. Nissan има за сервисирање 480.000 возила од моделите Almera, Navara, Pathfinder, Patrol, Terrano II, Almera Tino и X-Trail, произведени меѓу 2001 и 2003 година. Ниту Mazda не е поштедена. Најмалиот јапонски производител повикува 45.500 примероци од Mazda6 од 2002 и 2003 година.
Досега не е објавено дали дефектните воздушни перници се вградувале и кај други марки. Takata испорачува и на глобално ниво. Сервисната акција се сведува на проверка на перницата и на евентуална бесплатна замена.