Првиот модел на Lexus развиен специјално за европскиот пазар се покажа одличен за целиот свет. Од стартот во 1999 година се продадоа еден милион примероци од IS, моделот што ја откри динамичната страна на престижната марка на Toyota.
Спортската лимузина од средната класа на Lexus е милионер. Пред 17 години Lexus го разви моделот IS со цел да привлече помлади купувачи под логото на престижната марка на Toyota. Со дволитарски мотор со шест цилиндри во линија, заден погон и каросерија со филигрански црти, јасно беше каде цели Lexus IS – кон серијата 3 од Минхен.
Дотогаш Lexus го имаше изградено имиџот на марка со комфорни, беспрекорно изработени, издржливи и технолошки напредни модели, добри за купувачите што немаат намера да се грижат премногу околу својот автомобил, но не и за купувачите што „живеат“ за својот автомобил. IS пристигна како трет модел на Lexus на европскиот пазар, по крстосувачот LS и комотниот GS, со издржан спортски карактер и возни својства на кои можеа да позавидат и возачите на баварските модели. Не случајно, Lexus набрзо го надогради создадениот имиџ на LS со додавањето на посилна моделска изведба, со трилитарски мотор во IS 300. По две години од стартот пристигна и комбито SportCross.
Динамичниот дизајн на втората генерација донесе повеќе купувачи за IS
Во 2005 година, Јапонците излегоа со втората генерација на IS на салонот во Женева. Дизајнот заживеа со начелата на L-finesse и моделот привлече нов круг купувачи, коишто дотогаш не го препознаваа спортскиот карактер во изгледот на IS. Понудата беше збогатена со IS 250 со бензински V6 и автоматски менувач, за во 2006 година да следи IS 220d, како прв Lexus со дизел мотор.
Една година подоцна, Lexus додаде само една буква покрај ознаката на моделот, но ефектот беше разорен – за имиџот на конкуренцијата. IS F одненадеж се најде рамо до рамо со верзиите AMG на Mercedes C-Class и со Audi RS4. Вообичаено, IS беше прв модел што ја понесе ознаката F Performance, како темел за суперспортскиот LFA и за актуелните RC F и GS F. Спортската лимузина израсната на Фуџи Спидвеј и Нирбургринг се појави со петлитарски V8 со 423 КС и со првиот осумстепен менувач во светот. Спринтот до сто траеше 4,8 секунди, крајната брзина изнесуваше 270 km/h.
И кабриолетот беше „брз“ – со најбрз преклоплив покрив на пазарот
Кабриолетот со троделен цврст покрив ја прошири понудата во 2009 година, како IS 250C. Моделот повторно се покгижи за сензација, со најбрзиот преклоплив покрив на пазарот. Одговараше и просторноста на задната клупа.
Хибридот секако дека не смееше да го одмине спортски одгледаниот IS. Откако верзијата со хибриден погон од третата генерација на IS стартуваше со продажба во 2013 година, дури 90 проценти од вкупната продажба на IS на европскиот пазар ги постигнува хибридниот IS 300h. Погонската спрега ја сочинува 2,5-литарски бензинец, кој работи според штедливиот еткинсонов принцип, со варијабилна контрола на вентилите Dual VVT-i и со впрскување на гориво D-4S. Според нормите, потрошувачката на гориво изнесува 4,2 литри на сто километри. Хибридот е особено популарен на пазарите кадешто е предвидена субвенција за моделите со ниска емисија на штетни гасови.
Во меѓувреме, IS е достапен и како 200t, со дволитарски турбо бензинец со иновативно впрскување D-4ST, со 245 КС и вртежен момент од 350 њутнметри. Преносот на сила се одвива преку 8-степен менувач со двојна спојка, првично развиен за спортското купе RC F.
Денес IS се вбројува меѓу најважните модели на Lexus, со присуство на повеќе од 70 пазари во светот.
Технички податоци · Lexus IS 200 (1-ва генерација, 1998-2005)
Мотор 6 цилиндри во линија, 4 вентили по цилиндар, VVT-i, 1988 ccm, пречник х од 75,0 х 75,0 mm, компресија 10,5:1, моќност 155 КС при 6200/min, вртежен момент 195 Nm при 4600/min Погон и пренос На задни тркала, торсен диференцијал, 6-степен мануелен менувач Водење на тркалата Напред двојни попречни водилки со Anti-Dive-System, спирални пружини, гасни амортизери, стабилизатор, назад двојни попречни водилки со горни водилки во форма на L, спирални пружини, гасни амортизери, стабилизатор Сопирачки Напред 296 х 32, назад 307 х 12 mm, ABS, EB, BA Управување Запчеста летва, 3,0 вртежи меѓу крајни положби, круг на вртење 10,2 m Бандажи и гуми 6,5Ј х 16, 205/55 R16 Димензии Д х Ш х В 4400 х 1725 х 1425 mm, меѓуоскино растојание 2670 mm, ширина на трага напред 1495 mm, назад 1485 mm, багажник 400 L, резервоар 70 L Тежини Празно возило 1380 kg, распределба 52 / 48 %, дозволена тежина 1830 kg Перформанси 0-100 km/h за 9,5 s, 0-400 m за 16,7 s, крајна брзина 215 km/h Потрошувачка на гориво Просек / отворено / град 9,8 / 7,8 / 13,6 L/100 km
[FAG id=25288]


















