Јапонската корпорација Takata ќе постави Швајцарец за нов директор, откако ја презеде одговорноста за гигантскиот сервисен повик на возила од повеќе марки. Ова е прв пат на чело на компанијата да биде странец.
Штефан Штокер ќе ја презеде претседателската функција во компанијата од членот на основачкото семејство Шигехиса Такада. Во периодот од 2002 до 2009 година, Швајцарецот Штокер бил претседател на одделението за делови за автомобили во јапонската филијала на Bosch, за потоа да презеде директорска функција во Takata.
Промената на раководството на компанијата се случува откако најголемите јапонски и германски производители на автомобили, меѓу кои Toyota, Honda и BMW, мораа да повикаат во сервис 3,6 милиони возила со дефектни воздушни перници, производ на вториот најголем светски добавувач на воздушни перници и безбедносни ремени Takata.
Во минатата деловна година Takata покажа загуба од 212,5 милиони долари, најголема во историјата на компанијата, откако во годината пред тоа постигна профит од повеќе од 100 милиони долари. Трошоците за замена на дефектните воздушни перници дополнително ќе ја чинат компанијата 295 милиони долари.