Експерти предвидуваат постепено исчезнување на дизел моторот од помалите класи на автомобили во следните 15 години. Причината е во превисоката цена на техниката за пречистување на издувот.
Дизел моторот во следните 15 години ќе учествува сé помалку во продажбата на нови возила од сите класи на европскиот пазар. Пазарните аналитичари предвидуваат дека дизелот целосно ќе исчезне од понудата во најмалите класи на автомобили до 2030 година. Дизел моторите кои во моментов учествуваат со 53 проценти во продажбата на возила во Европа ќе ја губат популарноста и во поголемите класи возила. Неговото учество во моделите од средната класа ќе се намали од сегашните 64 проценти на 55 проценти, додека во високата класа дизелот ќе изгуби 18 проценти во продажбата и неговото учество во 2030 година ќе изнесува 70 проценти.
Случаите со Volkswagen и Opel се само огледен пример за тешкотиите со коишто производителите се соочуваат при исполнувањето на сé построгите норми за издувни гасови. Идните норми за гранични вредности на штетни материи условуваат скапа и сложена техника за пречистување на гасовите. Купувачите на возила од повисоките класи ќе можат да ги прифатат неопходните поскапувања, но не и купувачите на возила од помалите класи. Производителите сепак ќе мораат да го користат потенцијалот за штедење на дизелот и во иднина, заради исполнување на граничните вредности на СО2.
















