за

Дизел место бензин: Американците го утнуваат горивото

Околу 200.000 возила на Volkswagen во САД се повикуваат во сервис за бесплатно вградување на заштита од полнење бензин место дизел. Американците не го разликуваат за нив новото гориво.

Дизелот е табу во САД. За разлика од Европа, каде што повеќе од половината возила користат дизелско гориво, процентот на овие возила во САД е под три проценти. Очигледно е дека Американците имаат проблеми со разликувањето на двете сорти горива и често пати по грешка полнат бензин место дизел. Volkswagen ќе го решава проблемот со бесплатно вградување на заштита од полнење погрешно гориво во моделите Golf и Jetta за САД и Канада, произведени меѓу 2002 и 2012 година.

Од почетокот на годинава заштитата се вградува фабрички во обата модела. Во Европа воопшто не се вградува оваа заштита, иако и тука постои можност по грешка да се наполни дизел во модел на Volkswagen – исто како и во модели на другите марки. Производителот појаснува: „Возачите во Европа се навикнати на дизелот и грешките при полнење гориво не се толку чести. Наспроти тоа, на луѓето во Северна Америка очигледно им е потешко да ги разликуваат обете сорти горива.“

Американската асоцијација за сообраќај иницираше испитување на дизелските модели на марката Volkswagen во февруари 2011, откако десетици клиенти се пожалија дека автомобилот им запрел среде возење. Оштетувањето на моторот е типична последица од погрешното гориво, затоа што бензинот не располага со интензитетот на подмачкување на дизелското гориво.

Европејците сепак не се толку безгрешни со горивата. Според клубот ADAC, во минатата година имало 20.000 интервенции кај возила што имале погрешно гориво во резервоарот. Повеќето производители веќе нудат заштита која што спречува грешка со горивото.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Maserati Levante: Наидуваат тешки денови за Porsche Cayenne

Специјален модел за 50-годишнината на McLaren