Кој има потреба од резервен дел за BMW ќе мора да има големо трпение во следните три до четири недели. Поради инсталирање нов софтвер доцни испораката на резервни делови.
Поради инсталирање на нов софтвер во централниот систем за логистика, сопствениците на BMW ќе мораат да чекаат речиси цел месец додека го добијат потребниот резервен дел за нивното возило. Последното префрлување на нов софтвер во системот беше направено пред дури 20 години.
Испораката на резервните делови ќе стартува повторно за некој ден, но поради огромниот заостаток од 200.000 делови во испораката ќе бидат потребни уште три до четири недели додека дојдат на ред новите нарачки. За побрзо да се надмине проблемот, вработените во центарот за логистика во фабриката во Динголфинг ќе работат и во саботите, како и во ноќна смена.