за ,

Гумите при купување да не се постари од 3 години

Кога пролетното сонце ќе го запече асфалтот време е зимските гуми конечно да се заменат со летните. Доколку старите се истрошени, при изборот на новите летни гуми треба особено да се внимава на квалитетот, затоа што од тоа зависат управливоста, патот на сопирање, аквапланингот, страничната стабилност, отпорот на тркалање, комфорот, бучноста и трајноста. Тоа се многу фактори. Но, добрите летни гуми не мора да се скапи. Тоа можете да го проверите на тестот на летни гуми на клубот ADAC, на https://automedia.mk/?p=395.

При купувањето на гумите задолжително да се внимава на датумот на производство. Гума што се нуди во продажба и постара е од три години не е вредна за внимание. Поради хемиските и физички процеси, како и поради лошо чување, гумите стареат. Секој може да го препознае датумот, преку ознаката DOT, странично на гумата. Таа се состои од четири бројки, од кои првите ја покажуваат неделата на производство, а вторите годината на производство. Ако пишува 5012, тоа значи дека гумата е произведена во 50-та календарска недела во 2012 година.

Профилот треба да има доволна длабочина

Ако се монтираат гумите од минатото лето, треба да се внимава на длабочината на профилот. Иако законската рамка пропишува еден милиметар помалку, од безбедносни причини не треба да се вози со гуми со профил што има помалку од три милиметри длабочина. При монтажата да се внимава гумите со повеќе профил да се монтираат на задната оска. Потоа задолжително следува балансирање.

Балансираноста на гумите треба да се проверува редовно. Од длабоки дупки или од качување на тротоар може да се наруши балансираноста, што потоа се чувствува преку тресење на воланот или немир на возилото при повисока брзина.

Пред монтажата проверете ги гумите. Ако едната страна од некоја од гумите е истрошена повеќе од другата, тоа укажува на нецентрираност на подвозјето, а ако профилот е нерамномерно истрошен во одделни сегменти, тоа е знак дека мора да се проверат и амортизерите. На крајот, треба да се затегнат и завртките на тркалата. Моментот на затегнување е важен, затоа што и премалку затегнати и премногу затегнати завртки можат да бидат причина за разлабавување и потенцијална опасност.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

И Амбасадорот на САД на презентација на Trax во Задар

Нови идеи за погонот на струја