за ,

Грандиозниот неуспех на првиот Golf на струја

Volkswagen влева големи надежи во актуелната електрична верзија на бестселерот. Но, кога Golf првпат се појави со погон на батерии во 1976 година, проектот заврши крајно разочарувачки.

Автомобилот што требаше да стане ѕвезда на автомобилската сцена во средината на 1970-те години, денес добива редовно бришење на каросеријата од прашина барем еднаш неделно. Стариот Golf се наоѓа во музејот на дистрибутерот на струја RWE во германскиот Реклингхаузен и изгледа како штотуку да излегол од фабрика. На хаубата на Golf CityStromer пишува со големи букви „Без издувни гасови – едноставно на струја“.

Под хаубата е неугледно вграден електричниот погон, небаре тука имал работа некој хоби мајстор, а не врвни германски инженери во тоа време. Изложбениот примерок повеќе не може да се движи со сопствената сила, затоа што оловните акумулатори се отстранети поради безбедносни причини. Но, електромоторот веројатно функционира и натаму.

Дури и во втората генерација на електричниот Golf техниката под хаубата изгледаше неугледно
Дури и во втората генерација на електричниот Golf техниката под хаубата изгледаше неугледно

За историјата на првиот Golf на струја се знае малку. Познато е само дека како основа за првата генерација на електричниот Golf послужиле дваесетина примероци од сериското производство, на коишто бензинскиот мотор со 75 КС им бил заменет со електромотор со моќност од 15 киловати. Ефективната моќност изнесувала само 16 КС.

Новиот E-Golf постигнува 140 km/h

E-Golf кој ќе влезе во производство уште во оваа година како прв големосериски автомобил со погон на струја има неспоредливо поголема моќност, тој располага со 115 КС. Напредокот се огледува и во другите бројки. Првиот Golf со електромотор од машина за шиење постигнуваше 80 km/h и со едно полнење на батериите возеше најмногу 50 километри. Новиот E-Golf може да достигне до одредиште оддалечено до 190 километри, и тоа доста брзо. Крајната брзина изнесува 140 km/h. При такво темпо досегот се намалува за најмалку 30 проценти, односно изнесува околу 130 километри.

За 38 години е направено малку во развој на е-погонот

Во секој случај постои напредок, но тој е само скромен, особено кога ќе се има во предвид дека меѓу двете возила изминале 38 години. Објаснувањето е во тоа што индустријата во минатото покажуваше поголем интерес за погонот на струја во одредени периоди, односно само за време на нафтените кризи. Електричниот Golf се појави како одговор на енергетската криза во 1974 година, откако земјите извознички на нафта една година претходно ја ограничија испораката на „црното ѓубре“ и западните индустриски земји се отрезнија за нивната огромна зависност од фосилните горива.

Golf III со погон на струја. Корисници беа главно сервисните служби на електродистрибутерите
Golf III со погон на струја. Корисници беа главно сервисните служби на електродистрибутерите

Од производителите на автомобили и од електродистрибутерите се очекуваше да реагираат. За и пазарот да добие соодветен поттик проработеа одделенијата за односи со јавноста. Зад воланот на првиот Golf на струја се најде и тогашниот германски возач во формула 1, Ханс-Јоаким Штук. Дополнителна мотивација за преземање контрола над проблемот со нафтата беа и парите добиени од државата. На тоа укажува и фактот што втората генерација на Golf со погон на батерии веќе се произведе во серија од шеесетина примероци.

Golf IV и V воопшто не се нудеа со погон на струја

Електричните возила завршуваа најчесто во рацете на компаниите за снабдување со струја, кои истите ги користеа за сервисната служба, воедно собирајќи и вредни искуства за авто производителите. Додека првиот Golf на струја се појави во слободна продажба беа потребни речиси 20 години. Тоа се случи во 1993 година, кога Golf беше веќе во третата генерација. Верзијата на Golf со погон на струја повторно беше наменета за електродистрибутерите, а неколку примероци од малата серија завршија и во рацете на приватните корисници како користени автомобили.

По пауза од 20 години Volkswagen повторно понуди верзија на струја од Golf
По пауза од 20 години Volkswagen повторно понуди верзија на струја од Golf

До 1996 година се произведоа 120 возила. Golf III CityStromer имаше електромотор од 27 КС и веќе поседуваше технологија за искористување на енергијата при сопирање со возилото. При сопирање на семафор и при возење на надолнини енергијата од сопирањето се претвораше во електрична енергија. Третата генерација на E-Golf забрзуваше за 13 секунди до темпо 50 и со полни батерии возеше до 70 километри.

Неколку примероци од CityStromer возат и денес, што ја докажува робусноста на погонот, но и ентузијазмот на сопствениците при ограничениот досег на возење. Во следните две децении повторно спласна интересот за струја. Volkswagen целосно го заборави погонот на струја во четвртата и петтата генерација на Golf.

Освен во Golf, погон на струја се нуди и во малечкиот Up
Освен во Golf, погон на струја се нуди и во малечкиот Up

Дури во 2011 година беше произведена мала серија од 120 примероци од Golf VI со батерии. По обемното и успешно тестирање со овој Golf конечно беше решено идниот компакт да се понуди во редовна продажба во верзија со погон на струја. Модуларната платформа, како основа за актуелниот Golf, меѓу другото предвидува и едноставно вградување на компонентите од електричниот погон без скапи модификации во основната структура на возилото.

DB2013AU01209_small

Од Blue-E-Motion, како што гласи моделското име на Golf VI со електромотор, ќе се преземат неколку компоненти за новиот E-Golf, како литиум-јон батериите и можноста за нивно полнење со приклучување во струја. Погонот на иднината напредуваше во секој поглед, но дали тоа ќе биде доволно да спречи и новиот E-Golf по само неколку години да заврши во музеј? Но, можеби е веќе дојдено времето кога не останува друго освен да се верува и да се вложува во електричниот погон.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Jaguar троши 60 литри на сто километри под полна гас

Mercedes го победи BMW во продажбата во САД