Во градот Гуми започна тестирање на автобуси на струја, чии што батерии се полнат при возењето преку индуција. Ако проектот успее, автобусите ќе станат дел од секојдневието веќе во 2015 година.
Двата градски автобуса секојдневно ја совладуваат релацијата од 24 километри низ јужнокорејскиот Гуми. Струјата од индукциските намотки вградени во асфалтот се пренесува по пат на индуција до батериите на автобусот, на растојание од 17 сантиметри меѓу подот на возилото и патот. Огромна предност на користената технологија е тоа што индукциските намотки не мора да се поставуваат по целата релација што ја совладуваат автобусите, туку само на пет до 15 проценти од должината. Ефикасноста на преносот на енергијата изнесува 85 проценти, што значи дека само 15 проценти од вкупната енергија се губат при индукцискиот процес. Доколку тестирањето заврши без проблеми, автобусите во градот ќе се префрлат на новата технологија веќе во 2015 година.