Уште во почетокот на 1990-те години, Porsche работеше под полна пареа на семеен спортски автомобил. Замислата беше да се создаде комплетно нова класа во луксузниот сегмент, со дизајн по когошто ќе се раководат сите останати модели на Porsche.
Porsche Panamera беше готов проект уште пред повеќе од 20 години, кога стратезите во Цуфенхаузен сакаа на возачите да им понудат модел што ќе ги поседува карактеристиките на иконскиот 911, но дополнително ќе располага и со талент на семејна лимузина. Пазарните истражувања покажаа дека постои интерес и простор да се понуди таков автомобил и во почетокот на последната деценија од минатиот век веќе беше изработена студијата со типска ознака 989.
Спортската лимузина со препознатливите форми на Porsche 911 располагаше со четири врати и просторна кабина, вклучувајќи и багажник со волумен од 405 литри, секако во комбинација со соборлива задна клупа. Соодветно на намената беше преработен и кокпитот, со голем дисплеј во средината на арматурната табла. Традиционалната табла со пет инструменти и голем бројач на вртежи во средина остана неизменета.
Техничарите развија лиммузина со најниска тежина во луксузната класа, со 1.570 килограми и со носивост од 400 килограми. Аеродинамиката исто така беше усовршена и каросеријата се одликуваше со исклучително низок коефициент на отпор на воздух cw 0,31, за да не се повтори проблемот што го имаше Porsche 928.
Техниката целосно беше преземена од големото купе 928, со мотор и менувач напред и кусо карданско вратило до задната оска. Во подвозјето се користеа искуствата од мотоспортот, а беше планирано да се прејде на уште поголема моќност на моторот V8 отколку во стандардниот 928, со најмалку 350 КС. Осумцилиндарецот од 4,2 литри, со по четири вентили на цилиндар и тежина од 204 килограми, уште тогаш беше способен да извлече над 420 КС.
Основниот модел со 350 КС забрзуваше до сто за 5,8 секунди и до двеста километри на час за 20 секунди. Крајната брзина изнесуваше околу 280 километри на час. Тоа беа сенационални вредности. За преносот на силата се грижеа мануелен менувач со пет степени или опционален менувач Tiptronic со шест степени. Постоеше план спортската лимузина да се понуди и во верзија со погон на сите тркала, па и со управување на сите тркала.
Причината зошто 989 не продолжи да се развива до сериски модел беа единствено во тропшоците за производство. Пазарот тогаш уште не можеше да обезбеди доволно простор за исплатливо производство на спортската лимузина на Porsche. Но, трудот не остана залуден. Веќе во 2009 година, Porsche ја претстави Panamera, чијашто втора генерација се очекува да се појави во јавноста во најскоро време.
















