за

Големо моделско освежување за Opel Insignia

Во Франкфурт ќе доживее премиера освеженото моделско годиште на Insignia. Најголемиот Opel настапува со децентни промени во изгледот и со нова и поштедлива погонска техника.

Најголемите новитети се под хаубата. Дволитарскиот дизел сега троши 3,7 литри во верзиите со 120 и со 140 КС, со што Insignia 2.0 CDTI е најштедлив дизелски модел во класата. Возната динамика е унапредена со неколку промени во оските, амортизацијата и управувањето. Покрај тоа, за Insignia сега е достапна и нова генерација на авторадија, со интеграција на мобилен телефон и ракување преку сензорското поле на допир што е поставено во средишната конзола.

Opel реагираше на забелешките за преоптоварената и непрегледна средишна конзола
Opel реагираше на забелешките за преоптоварената и непрегледна средишна конзола

Три критериуми беа клучни при дизајнирањето на новата арматурна табла: Прегледност, персонализација и комфорно ракување. Со тоа се надмина проблемот со преоптоварената и непрегледна средишна конзола. Таа сега е лакирана во сјајно црна боја, а бројот на копчиња е сведен на минимум. Командите за ракување со клима уредот исто така се прераспоредени и помалубројни. Освен преку сензорското поле, ракувањето со функциите на авторадијата и на возилото може да се врши и преку преработените полиња со копчиња во воланот, но и преку говорна команда.

Нов дволитарски дизел со 195 КС и бензинци со 170 и 250 КС

Врв во дизелската понуда е 2.0 BiTurbo CDTI со 195 КС и 400 њутнметри. Според техничарите на Opel, моторот се одликува со директна реакција и со убедливо повлекување во широко подрачје на вртежи. Повеќе новитети има кај бензинците, со турбонатполнење и со директно впрскување на горивото. Дволитарскиот SIDI Turbo испорачува 250 КС и 400 Nm, додека помалиот 1.6 SIDI Turbo доаѓа до 170 КС и 260 Nm, односно краткотрајно 280 Nm.

Обата мотора може да се комбинираат и со новиот шестстепен автоматик со намалени отпори од триење, додека 2.0 SIDI Turbo може да се добие и во верзија со погон на сите тркала. Како штедлива алтернатива се нуди 1.4 LPG со 140 КС и погон на автогас, која исто како и бензинската верзија ја исполнува нормата Euro 6. Како просечна потрошувачка се наведува вредност од 7,6 литри бензин.

Отсега Insignia изгледа како што треба да изгледа знаменосецот на марката

Новото моделско годиште се препознава по впечатливата маска, која што е поставена пониско. Краевите на широката и хромирана средишна ламела се издигаат и го насочуваат погледот кон новите светла, со затемнети покривни панели и хромирани детали. Во повисоките нивоа на опрема се добиваат дневни светла со светлечки диоди со крилеста форма. Промените подолу се воочуваат во широките рамки околу магленките.

Задниот дел изгледа благородно и елегантно, Insignia е сепак знаменосец на марката
Задниот дел изгледа благородно и елегантно, Insignia е сепак знаменосец на марката

Каросериските верзии со четири и со пет врати сега се разликуваат повеќе во страничната силуета, односно комбилимузината ја презема елеганцијата на купе, додека кај лимузината појасно се издвојуваат трите засебни делови од каросеријата. Промените назад прават опашот да изгледа пошироко и пониско од претходно, што е постигнато првенствено со пониската положба на хромираната ламела со логото на Opel, која што навлегува подлабоко во светлата, исто така со променета графика и со светлечки диоди за дел од функциите.

Ценовникот во Германија почнува од 24.325 евра

Продажбата на германскиот пазар стартуваше на 21-ви јуни, со цена на основниот модел од 24.325 евра. Со 1,4-литарец со 140 КС, лимузината по оваа цена вклучува богата сериска опрема, меѓу другото кожа на волан, комфорни седишта, клима уред и радио 400 BT со дисплеј од 4,2 инчи. Македонскиот ценовник за новата Insignia уште не е објавен, но може да се очекува дека нема да има големи промени во цената. Големиот модел на Opel моментно стартува кај нас од 21.281 евра, за верзија со 1,8-литарски бензинец со 140 КС и основно ниво на опрема.

[nggallery id=65]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Mercedes ќе го лови Porsche 911 со наследникот на SLS AMG

Mercedes AMG со 18 нови модели летово