Audi, BMW, Mercedes и Volkswagen се најдобри марки при избор на користено возило според истражувањето спроведено на пет милиони возила при техничкиот преглед.
Автомобилите од германските марки се најдоа на врвните места во новиот извештај за користени возила на Германското здружение за технички преглед. Тие се прв избор при купувањето на користено возило од поновите годишта. Благодарение на големиот напредок во квалитетот, германските модели се пласираа највисоко. Audi, Mercedes и Volkswagen се победници во класите на малечките возила, средната и вишата класа, додека BMW доби најдобри оцени кај спортските автомобили. Кај компактите, пак, и натаму доминира Toyota.
Моделите како Audi A1 и класата C на Mercedes ги освоија првите места во категоријата на возила со старост меѓу една и три години во класата на малечките автомобили и во средната класа. Јапонците предводат во компактната класа со Toyota Auris. Volkswagen Phaeton повторно освои злато во вишата класа, а BMW Z4 има најмал процент на дефекти во сите класи што беа опфатени во истражувањето на Здружението. BMW го презема водството и меѓу спортските теренци со X5, додека меѓу вановите е најдобра Seat Altea.
Победниците во сите класи на возила со старост до три години
Малечки автомобили – Audi A1
Audi A1 е прв во рангирањето на квалитетот на возилата со старост до три години. На второто и третото место се Mazda 2 и Toyota iQ.
Компакт класа – Toyota Auris
Toyota Auris го одбранува првото место и во оваа година во класата на компактите, пред братот со хибриден погон Prius. Бронзата и припадна на Opel Astra.
Средна класа – Mercedes класа C
Златото во средната класа му припадна на Mercedes. Благодарение на значајното подобрување на квалитетот, класата C за прв пат се најде на највисокото место. Германските конкуренти Audi A4 и Opel Insignia се наоѓаат на второто и третото место.
Виша класа – Volkswagen Phaeton
Volkswagen и Porsche ги делат највисоките две позиции во луксузната класа. Phaeton уште еднаш го освојува златото, со мала предност пред Porsche Panamera и ланскиот победник Jaguar XF.
Спортски возила/кабриолети – BMW Z4
Апсолутен победник во оваа класа и во исто време модел со најмал процент на дефекти во рангирањето на квалитетот на Здружението е BMW Z4. По него следат Porsche 911 и Alfa Romeo Brera.
Спортски теренци/теренски возила
Баварците го преземаа водството во оваа категорија, освојувајќи го златото и среброто. BMW X5 е за влакно пред неговиот помал брат X1. Бронзата му припадна на Mercedes GLK, кој прв пат се пласира меѓу најдобрите модели во класата на возила со старост до три години.
Ванови – Seat Altea
По повеќе залети шпанскиот ван Seat Altea го освои првото место во оваа класа, пред обата модела на Opel, вановите Zafira и Meriva.
[box type=”shadow” ]Истражување врз основа на пет милиони технички прегледи
Извештајот на Здружението за технички преглед се засновува врз пет милиони технички прегледи на возила. Од податоците се добија силните и слабите страни на 240 автомобили. Темелните резултати од извештајот се објавени во актуелниот број на германскиот магазин Auto Zeitung[/box]