Владата во Берлин презема мерки по кобната незгода во која еден мотоциклист го загуби животот поради издигнување на асфалтот од екстремната топлина.
По случајот со загинувањето на мотоциклистот на автопатот во близина на баварскиот Абенсберг, Сојузното министерство за сообраќај презеде акција за темелна проверка на можните оштетувања на асфалтот од високата жештина. Постојаните температурни промени и премини од силен дожд во пеколна жештина предизвикаа екстремни оптоварувања на дел од автопатиштата во земјата. Министерството редовно ги контролира автопатиштата и ги отстранува оштетувањата со единиците за брза интервенција.
Летната жештина влијае врз автопатиштата со бетонска подлога, а такви се околу 30 проценти од брзата патна мрежа во Германија. Плочите се издолжуваат под дејство на високите температури и притискаат една во друга, што на крајот доведува до деформирање на подлогата. Во Германија веќе се регистрирани неколку незгоди што се предизвикани од овие оштетувања на патиштата.