Големите марки се докажуваат во мака. Заради избегнување на долгите чекања во рамките на сервисниот повик, VW ќе нуди попуст при купување ново возило во замена за старото со контроверзниот дизел.
Со претстојниот сервисен повик по аферата со азотните оксиди, сервисните работилници на Volkswagen би можеле да се соочат со масовен наплив од возила. Се заканува опасност од долги рокови за чекање, но и потешкотии во логистиката. Во Volkswagen веќе имаат идеја како со еден удар да утепаат две муви.
Концернот Volkswagen размислува покрај интервенциите што треба да се преземат за коригирање на издувот кај возилата со дизел мотор да понуди и попуст за замена на возилото со ново. Планот засега се разгледува за германскиот пазар, каде што во сервисите треба да се појават 2,4 милиони возила. Дали VW ќе ја реализира идејата, и дали истата ќе биде применета и на останатите пазари, ќе се дознае наскоро.
Откупот на старо и попустот за ново се најдобро решение кај 1,6-литарскиот дизел
Според агенциски извори, Volkswagen ќе ги откупува старите возила на коишто им претстои корекција на издувот и во исто време ќе понуди попуст при купување ново возило. Тоа најмногу ќе му одговара на VW кај моделите со 1,6-литарскиот дизел, каде што покрај вчитување нов софтвер е потребно да се извршат и промени во техниката. Тоа повлекува дополнителни трошоци за производителот, но и многу работни часови во сервисите.
Во управата постои решеност за спроведување на оваа идеја, но неизвесно е како ќе реагираат сопствениците и потенцијалните купувачи на ново возило. Во Волфсбург уште се прават математики, дали ќе се постават ограничувања околу видот и староста на возилата или во изминатата километража
Во Европа постојат околу 3 милиони возила со 1,6-литарскиот дизел. На поголемиот агрегат со зафатнина од 2,0 литри отпаѓаат 4,6 милиони возила, додека други 340.000 возила го имаат малечкиот мотор од 1,2 литар. Заедно со овие осум милиони возила, VW доброволно повикува во сервис уште половина милион возила со дизел мотор со норма Euro 3 и Euro 4.
1.100 возила по сервисна работилница само во Германија
Со 8,5 милиони возила, ова ќе биде најголемиот сервисен повик во Европа, а секако и за Volkswagen. Освен од матичната марка, погодени се и возила од марките Audi, Seat, Skoda и од „комерцијалниот“ VW. Првите возила треба да се појават во сервис во јануари следната година. Повикот за 1,6-литарскиот дизел ќе почне најрано во следната есен, поради обезбедување на потребните делови.
При 2,4 милиони возила што треба да се коригираат само на германскиот пазар, произлегува просек од 1.100 возила за интервенција за секоја овластена сервисна работилница на Volkswagen. Според провизорни процени, интервенцијата би траела во просек околу час и половина по возило – за сервисирање, плус средување документација и пополнување сервисни формулари. Тоа значи дека секоја сервисна работилница во Германија ќе мора да одвои 200 работни денови само за интервенциите во рамките на сервисниот повик. Прашање е што ќе се прави со останатите возила на кои што им претстои редовно сервисирање или поправка на дефекти?
Токму тоа е причината зошто Volkswagen размислува за реализација на идејата со откуп на старото возило и попуѕст за ново. Откупените возила би можеле да се продадат надвор од ЕУ, на пример во Турција или во Африка. Биснисмените веќе насетуваат за што се работи.
















