за ,

Враќање на Disco Volante: Летачката чинија на Alfa Romeo

Деновиве се зборува на големо за Alfa Romeo 4C, моделот што ќе го врати спортскиот имиџ на миланската марка. Но, во игра влегува и легендарниот Disco Volante, со 450 КС и во ексклузивна серија.

Производителите на автомобили ја имаат привилегијата што можат самите да си подаруваат автомобили за родендените. Лани беше 60-от роденден на легендарната Alfa Romeo 1900 C52 Disco Volante, летачката чинија на Италијанците. Со малку задоцнување, новата верзија на Disco Volante која што имаше премиера на салонот во Женева, сега доживува реинкарнација. Со инспирација од впечатливата каросериска форма на оригиналот и со модерна техника, италијанската каросериска работилница Carrozzeria Touring ќе произведе мала серија од спортското купе – со официјален печат на Alfa Romeo.

e_01

Болидот долг 4,6 метри и висок 1,3 метар со техниката е во директно сродство со Alfa 8C Competizione, вклучувајќи ја и алиминиумската рамка на возилото. Disco Volante има мотор напред и погон назад, со менувач поставен на задната оска во класична трансаксијална конфигурација. Осумцилиндарецот од 4,7 литри постигнува 450 КС и се грижи за примерни перформанси: Италијанскиот нисколетачки објект забрзува до сто за 4,2 секунди, а крајната брзина е 292 km/h. Колку ќе чини малосериската Alfa не е познато, но тоа и не е важно. Таа ќе се произведува само по нарачка.

e_08

Оригиналот од 1952 година исто така беше мамка за погледите и претставуваше технички бисер. Инженерите го зедоа 1,9-литарскиот мотор од Alfa 1900 Sprint и го напумпаа на 158 КС, доволно за Disco Volante да вози со имперсивни 220 km/h за тоа време. Шасијата на возилото беше изработена од цевна рамка, над која што каросеристот Touring ја постави незаборавната форма што потсеќа на летачка чинија, со полупокриени тркала. Од возилото се произведоа само два примерока. Следеа уште неколку варијанти со обични крила, како и купе изведба.

e_04

Два прототипа беа опремени со шестцилиндарски мотори со моќност од 230 КС, со кои се постигнуваше крајна брзина од 240 km/h. Во 1953 година Alfa беше пред прославување на победа со четирите Disco Volante на Миле Миља, но поради технички дефект успехот изостана. Во секој случај, Хуан Мануел Фанџо извозе едно од овие купеа со шестцилиндарски мотор до второто место. Иако спортскиот успех изостана, дизајнот на возилото уште долго ќе остане запаметен.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електричната Tesla во Норвешка се продава подобро од Golf

Dacia Duster крева прашина со 125 КС