Вработено лице со години крадело навигациски системи од фабриката на Mercedes во Раштат. Судот вчера изрече двеиполгодишна казна за кражбата на преку 2.000 уреди.
Поранешен работник во фабриката на Mercedes во Раштат, во близина на германскиот град Карлсруе, осуден е на двеиполгодишна затворска казна поради кражба на навигациски уреди во милионска вредност. Судот во Баден-Баден во петокот утврди дека 29-годишникот украл преку 2.000 навигациски уреди во пазарна вредност од 1,5 милион евра, коишто потоа ги продавал преку интернет. Квалификуваниот автомобилски мехатроничар стекнал 26.000 евра при препродажбата. Неговата 23-годишна сопруга помина само со парична казна.
Вработениот во почетокот крадел само по неколку навигациски уреди, за потоа да почне да изнесува се поголем број на уреди од фабриката. Делата се случувале во периодот од октомври 2012 до јули 2014. Супругата е осудена заради злосторничко помагање, затоа што во пет наврати ја презела украдената стока. Брачниот пар го признал делото, ја прифатил вината и веќе му вратил на Mercedes поголем дел од обештетувањето во висина од 215.000 евра коишто ги побарува претпријатието.
















