за

Во Renault повторно ќе чкрипат гумите: Пристига Alpine A120

Французите повторно ги откриваат своите спортски таленти. Во следниот месец ќе биде претставен болидот во формула 1 на Renault, но и верзија на идниот Alpine, со 300 КС и големо наследство.

Renault во 2012 година ја научи лекцијата да не се впушта во авантури со британските малосериски производители. Тогаш пропадна планот за заеднички развој на спортски автомобил со британскиот Caterham. Намерата на Renault беше преку оваа соработка да се врати спортската легенда Alpine. Британците отпаднаа од планот и подобро е тоа што Renault под сопствена режија ќе ја врати марката. Во февруари ќе биде претставена верзија многу блиска до идната сериска изведба од моделот. Но, до почетокот на продажбата на брзиот двосед ќе треба да се чека уште најмалку една година.

Alpine A110
Alpine A110

Веќе наголемо се шпекулира дека новиот модел ќе ја носи ознаката A120, во чест на легендарниот Alpine A110, кој беше вистински владетел на релијата во своето време. Дизајнот на новиот модел ќе ја следи силуетата на оригиналот од 1960-те години. Французите во 2012 година веќе прикажаа спортска студија во којашто се препознаваа цртите од Alpine А110. Лани следеше уште една студија, Alpine Vision Gran Turismo, со којашто беше одбележан 60-от роденден на спортската марка, преземена од Renault во 1973 година. Фановите на Playstation можеа и виртуелно да го „извозат“ тркачкиот автомобил способен за 320 km/h.

Сериската изведба на новиот Alpine нема да изгледа толку екстравагантно како салонските концепти, но во најголемиот дел ќе се раководи според формите на A110. Елемент што не смее да недостига е комбинацијата од две тркалезни светла напред, долга хауба и кус опаш. Под хаубата ќе работи 1,8-литарски бензинец со турбонатполнење, во верзии со 270 и 300 КС. Оваа моќност ќе доаѓа особено до израз покрај тежината од 1.050 килограми што ја ветуваат Французите и Alpine ќе биде малечка ракета, способна за трка со Toyota GT86 или Alfa Romeo 4C.

Alpine A310  и A610
Alpine A610 со каросерија од фиберглас и полиестер се произведуваше до 1995 година

Враќањето на Alpine се очекува со нетрпение во Renault. Љубителите на француската марка немаат некој голем избор од спортски модели. Верзијата RS од новиот Renault Megane ќе пристигне најрано во 2017 година и ќе има голем предизвик да го надмине високите стандарди на соодветниот модел од претходната генерација, кој продолжува да се произведува. Renault имаше обид да го возобнови и култот на спортската легенда Gordini, со неколку специјални моделски серии, но обидот заврши разочарувачки. Освен неколку налепници и додатоци за Twingo и Clio, Renault не понуди апсолутно ништо што би било блиску до тркачките верзии со ова име, како славниот R8 Gordini.

Пристигањето на Alpine се случува во вистинскиот момент. Renault веќе потврди дека се враќа со сопствен фабрички тим во формула 1. Новиот болид за кралицата на мотоспортот ќе биде претставен во февруари, во исто време кога ќе биде официјализиран и стартот на Alpine. Формула 1 е совршеното место што може да се искористи за претставување на новата марка Alpine и за внесување на потребниот емотивен набој во целата приказна.

Renault Alpine Celebration Concept е мошне блиску до конечната форма на серискиот модел
Renault Alpine Celebration Concept е мошне блиску до конечната форма на серискиот модел

Тајмингот е погоден и од уште едно гледиште. Пред 60 години, дилерот на Renault и производител на автомобили Жан Редел го претстави првиот тркачки Alpine од типот A106 изработен во серија и победи на релито Миле Миља. Како основа за возилото послужи Renault 4CV. Со него пристигна и еден значаен дизајнерски детал од идниот A110 – тркалезните светла, дополнети со пар светла во истата форма. Alpine A110 беше претставен официјално во 1962 година.

Единаесет години подоцна, Renault ја презеде спортската марка и „сината екипа“ го освои светското првенство во рели, победувајќи ги Porsche и Lancia. Наследниците A310 и A610 со моќни мотори V6 не успеаја во целост да го повторат успехот на A110, но во секој случај денес се барани јангтајмери.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes петта година по ред ги урива сопствените рекорди

Nissan открива: Жените ни ги избираат автомобилите