за

Во производството на автомобили уште има рачна работа

Денес роботи ги произведуваат автомобилите. Но, и натаму постојат многу процеси во кои што човечката рака е незаменлива, и тоа не само кај престижните марки.

Рачната работа се подразбира кај престижните марки како Rolls-Royce. Тенката линија по должината на каросеријата на луксузните модели на британската марка се нанесува со четкичка изработена од опаш од верверица и од искусна рака на врвен занаетчија. Само еден човек е задолжен за оваа постапка која што трае околу четири часови – доколку нарачателот на возилото нема побарано на каросеријата да се испишат и неговите иницијали или да се нацрта семејниот грб.

За Rolls Royce Phantom се потребни околу 600 работни часови. За споредба, Ford Fiesta се произведува за помалку од 15 часови

Во производството на автомобили се настојува да се постигне што е можно поголем степен на автоматизација. Единствено примената на роботи овозможува одредени производствени постапки да се извршат поевтино. Сé што ќе се произведе брзо е поевтино од обичната рачна изработка. Степенот на автоматизација во изработката на каросеријата, на пример, денес изнесува преку 90 проценти.

Но, рачната работа е сé уште присутна и кај поевтините автомобили. Иако роботите се користат за речиси сите производствени постапки, луѓето се тие што и натаму се неопходни да ракуваат со машините и да ги сервисираат истите, а на крајот и да ги проверат автомобилите откако тие ќе ја напуштат производствената лента.

Рачното брусење е попрецизно од машинското

Тоа што уште не може да се автоматизира во задоволителен степен е контрола на квалитетот. Во контролниот оддел се проверуваат грешките во лакот, во легнувањето на вратите и во рамномерноста на зјаевите во каросеријата и откако истите ќе се откријат веднаш се коригираат. Роботите се немоќни за овој дел од производството. Тие многу подобро ќе ги откријат грешките и пропустите, но неспособни се самостојно да ги отстранат.

Кога сите производствени процеси течат совршено, за луѓето останува малку работа. Иако автоматизираното производство има достигнато високо ниво на квалитет, во иднина тоа ниво ќе се зголемува и натаму, со цел да се достигне ниво кога завршната контрола и човечката интервенција во отстранувањето на грешките ќе станат непотребни.

Во BMW уште постојат мануелни операции во изработката на каросеријата. Заварувачите ги пунктираат каросериите на местата на кои што роботите не досегаат. Роботите исто така заостануваат и во брусењето на каросериската ламарина по заварувањето. Искусна човечка рака бруси попрецизно од кој било робот. Автоматизацијата во Ford исто така се применува само во процесите во кои што тоа има смисла. Машините уживаат приоритет единствено во ергономски сложените и во најнапорните работни чекори за човекот.

Прототипите речиси целосно се изработуваат рачно

Кај Seat Leon, кој конструкциски е идентичен со Volkswagen Golf, околу 1.500 индустриски роботи ја преземаат изработката на каросеријата. Рачната работа се применува единствено во завршните процеси, како на пример во површинската обработка и во дотерувањето на вратите и капаците. Искусното мајсторско око не може да се замени со робот, исто како и впечатокот за вкупната хармонија на возилото во поглед на квалитетот, изгледот, допирот и во изработката на деталите.

Како повеќето други производители, и Porsche ги изработува каросериите на неговите модели со помош на роботи. Но, монтажата на предниот и задниот капак се врши рачно, исто како и проверката на површините на каросеријата. Во изработката на ентериерот исто така е неопходна човечката рака, особено при шиењето и навлекувањето на кожените облоги за арматурната табла.

Кај Rolls-Royce дури и задните столбови на каросеријата се заваруваат рачно. Десет денови се потребни до готова каросерија. Но, за една година се произведуваат само 800 примероци од моделот

Помал степен на автоматизација има само кај возилата што се изработуваат во мала серија, како што се прототипите, тркачките болиди или автомобилите по специјална нарачка, што отстапуваат од стандардизираното производство. Во овие случаи повеќе се цени квалитетот, отколку ниската цена на производство. Секако дека рачната работа е поевтина кога возилата се произведуваат во помали серии, затоа што скапите и автоматизирани алати се исплатуваат само при големи производствени серии.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Лав бодибилдер: Golf GTI е слабак покрај Seat Leon Cupra

Заушка за Volvo & Co: Најбезбедниот автомобил доаѓа од Кина