Моделите на Chevrolet сами ќе пријавуваат кога претстои дефект на некоја од компонентите на возилото. Со тоа ќе се избегнат скапите поправки и непријатните ситуации за возачите.
Бројни сензори во возилото ќе ја следат состојбата на одредени компоненти во возилото и ќе ја пренесуваат информацијата преку системот OnStar на General Motors. Преку анализа на овие податоци ќе се покаже која од компонентите на возилото е потребно да се замени или поправи, по што сопственикот ќе добие информација за истото преку електронска пошта, порака на мобилен, порака на таблата со инструменти или преку мобилна апликација. Во почетокот, списокот на компоненти што се надгледуваат го сочинуваат стартерот, акумулаторот и пумпата за гориво. Првите модели што ќе ја добијат новата технологија се Chevrolet Corvette, Suburban, Tahoe, Silverado и Equinox од моделското годиште 2016. Потоа ќе следат и другите модели. Нема информации дали системот ќе се користи и за останатите марки на General Motors.
















