Кандидатите за возачи во Сиера Леоне мораат да ги научат сообраќајните правила преку една забавна игра, пред да им се дозволи полагање. Така се решава еден сериозен проблем.
Во државата Сиера Леоне во Западна Африка не постојат семафори. Лани во 2.204 сообраќајни незгоди загинале 380 лица. Една необична мера треба да помогне да се стави крај на оваа црна статистика. Пред да полагаат за возење, на кандидатите им се пропишува да купат една забавна игра и редовно да ја играат, пишува британскиот „Мирор“.
Играта се вика „The Driver’s Way”, чини околу десет евра и се произведува во Индија. Се игра со фрлање коцка на која што се наоѓаат сообраќајни знаци, по што автомобилчињата се движат по полето за играње и на патот до целта се одговара на прашања од сообраќајните правила. Дури откако кандидатите ќе минат неколку месеци над оваа игра им се дозволува да полагаат за тестовите.
Во минатото добивањето возачка дозвола било само прашање на пари. Многу возачи дошле до дозвола без воопшто да полагаат. Според полициските лица во африканската држава, повеќето незгоди се случуваат од небрежност и незнаење. Половината од возачите не ги познаваат сообраќајните знаци. Играта досега е произведена во 3.000 примероци и се планира таа наскоро да се пушти и на интернет.