Спортскиот дизајн и лесната конструкција се меѓу главните одлики на автомобилите на Audi. Отсега тие се достапни и на „две тркала“. На салонот во Женева е промовиран првиот тркачки велосипед на Audi изработен со примена на висока технологија и карбон, којшто ќе биде достапен во ограничена серија примероци. Audi Sport Racing Bike е развиен во соработка со фирмата CarbonSports и се одликува со уникатна концепција. Боите ги одреди дизајнерското студио на Audi во Минхен, а седиштето е обложено со скапа телешка кожа, идентична со онаа на седиштата на новиот Audi R8. Рамката тешка 790 грами и бандажите се изработени од карбон, конкретно од карбонски влакна со спецификација Т1000, којашто се користи во кокпитот на тркачкиот Audi R18 e-tron quattro. Резултатот е велосипед со спортскиот дизајн на Audi, со тежина од само 5,8 килограми. Серијата ќе се произведе во само 50 примероци, секој од нив снабден со плочка со сериски број од 1 до 50. Audi Sport Racing Bike чини 17.500 евра и може да се нарача уште веднаш во quattro GmbH или кај секој партнер на марката со четирите прстени во светот.

















