Баварците ќе ја прошират понудата од спортски теренци. Во иднина, таа ќе почнува од Q1, кој ќе се нуди и во хибридна верзија. Точниот старт на продажбата уште не се објавува.
Audi планира да воведе спортски теренец покрај својот намалечок модел А1. Моментно понудата од теренски возила на марката со четирите прстени ја сочинуваат Q3, Q5 и Q7, на кои што прво ќе им се придружи Q2, а сега се потврдува дека во понудата ќе влезе и Q1. Планот е марката да понуди автомобил со хибриден погон кој ќе има потрошувачка од еден литар гориво.
Моделот ќе се појави најрано во 2015 година, а хибридната верзија до 2017 година. Се размислува за две варијанти на хибридниот погон. Едната варијанта е DMH, односно Dual Mode Hybrid, која што се базира на техниката со која што располага Audi, а втората е PHEV, односно Plug-in Hybrid, и тоа е техника која што треба да се позајми кај сестрата Volkswagen.
Доколку стратезите на марката се решат Q1 да вози со првата варијанта на погонот, пазарниот старт на моделот може да се очекува најрано во 2017 година. Во тој случај, погонот ќе се состои од 1,5-литарски бензинец и два електромотора. Едниот од нив е за погон, другиот функционира како стартер и генератор. Со моќност на електромоторите од 116 КС, Q1 би возел најбрзо 50 километри на час, а над тоа ќе се приклучува бензинецот. Со досег од 90 километри со едно полнење на батериите, малечкиот теренец би постигнувал потрошувачка од еден литар бензин на сто километри.