Во Британија постои клуб чиишто членови можат да ги изнајмуваат сопствените автомобили кога не ги користат. Некои од нив заработуваат и по 250 фунти месечно.
Автомобилите ја имаат таа судбина што поголем дел од животниот век им поминува во мирување и во исчекување на нивниот сопственик отколку во возење. Во Британија почна со работа новиот сервис за измајмување автомобили easyCar Club, кој овозможува членовите да ги изнајмуваат своите возила на лица што само повремено имаат потреба да користат автомобил.
Сервисот ги поврзува луѓето што имаат потреба од автомобил во одредена пригода со сопствениците на автомобил коишто се заинтересирани да ги изнајмуваат сопствените автомобили заради дополнителна заработка. За одреден автомобил да се пријави за изнајмување во сервисот потребно е да ги задоволува минималните стандарди. Тој не може да биде постар од десет години, не може да има поминато повеќе од 120.000 милји, односно близу 200.000 километри и пазарната вредност не смее да му надминува 25.000 фунти (30.000 евра).
За предавање на клучевите, сопствениците можат лично да се сретнат со корисниците или можат истите да ги остават во сеф со заштитен код. Во вториот случај, корисниците добиваат код за еднократна употреба за пристап до клучевите.
На овој начин, со редовно изнајмување на сопственото возило може месечно да се заработат и до 250 фунти. Сопствениците сами ја одредуваат висината на најмувањето на автомобилот и решаваат дали ќе го прифатат или одбијат барањето за изнајмување на нивното возило.
Клубот е во сопственост на групацијата easyJet. Системот се тестираше во минатата година во Лондон и им овозможи на соствениците да заработат просечно по 1.800 фунти годишно, со што се потврди успешноста на идејата и се даде зелено светло за системот да се реализира во целата земја.
Сервисот нуди предности и за сопствениците и за корисниците што ги изнајмуваат истите, овозможувајќи им на едните да заработат на нивниот автомобил, а на вториве да заштедат пари.
















