Полнењето на батериите на електричните автомобили преку магнетно поле досега одеше мошне бавно. Германски научници успеаја да го скусат времето за шест пати.
Електричните автомобили во иднина ќе можат да ги освежат батериите и без потреба да се приклучуваат на полнење преку кабел. Научниците од Институтот Фраунхофер постигнаа напредок со системот кој што ги полни батериите шестпати побрзо отколку досега.
При полнењето без кабел, енергијата се пренесува преку воспоставување на магнетско поле меѓу две намотки. Стационарната намотка е вградена долу во асфалтот на паркиралиштето, а другата намотка е вградена во подот на возилото.

Првите прототипи од новиот систем постигнаа голема ефикасност, со максимална моќ на полнење од 22 киловати, што е исто толку брзо како при приклучување со кабел. Кај постојните индуктивни системи за полнење се постигнуваат најмногу 3,5 киловати. Со новата постапка се овозможува вообичаена батерија на автомобил на струја да се наполни до 80 проценти за помалку од еден час.
Покрај тоа, се зголемува и ефикасноста на постапката. Германците постигнаа 95-процентна ефикасност, што е пет проценти подобро отколку досега. Тоа значи дека само 5 проценти од струјата се губат при индукцијата. Процесот може да се одвива и во спротивна насока, односно енергијата од возилото да се пренесе во намотката во асфалтот, а оттаму во дистрибутивната мрежа.
Напредокот се состои во примена на нови полупроводнички елементи на основа на силициум карбид, со што се зголемува ефикасноста на трансформаторите кои што го произведуваат високофреквентното магнетско поле. Засега проектот е во развојна фаза и не се спомнува термин кога технологијата ќе влезе и официјално во примена. Системите за индуктивно полнење без кабел постојат веќе неколку години, но досега не наидоа на поголема практична примена.