за

Британците откачуваат повторно: Боб-кар за возрасни деца

Некој после ќе рече дека автомобилите не се играчка за возрасни деца. Британец направи детска количка што се вози во редовен сообраќај и постигнува преку 100 km/h.

Џон Битмед има 48 години и самиот признава дека никогаш не пораснал вистински. Може да му се верува на збор на човекот. Британецот веќе неколку недели се вози во прерасната детска количка. Возилото што Битмед го нарекува Toytown Coupe е изработено по пример на оригиналниот детски боб што првпат се појави на американскиот пазар во 1979 година како Cozy Coupe и оттогаш не е сменет. Според производителот, оваа дизајнерска икона во трите децении се има продадено во повеќе примероци од серијата пикапи F на Ford, вечниот бестселер на северноамериканскиот пазар.

Британецот го направил огромниот детски боб со идеја да ја рекламира својата фирма за изнајмување возила, барајќи возило во кого ќе се препознае главнината од популацијата. Битмед заклучил дека тоа е Cozu Coupe. Боите и пропорциите на неговото возило се идентични како кај оригиналот, само што тоа е десетпати поголемо. Место за возење да се користи силата во сопствените нозе, во Toytown Coupe помага трицилиндарски мотор. Крајната брзина изнесува преку 110 километри на час.

Како основа за репликата е искористен Daewoo Matiz стар преку десет години. Преправката на возилото се состоела од отстранување на целиот ентериер, отсекување на покривот, отстранување на задните врати, и на крај, преполовување на возилото. Matiz е скусен за точно 76 сантиметри, со цел пропорциите да одговараат на оригиналот. По 1.000 работни часови и 5.000 евра за материјал излезе возилото што е хит на улиците и во медиумите.

Toytown Coupe е регистриран како секој нормален автомобил. Фирмата на браќата Битмед инаку има цел возен парк од ненормални автомобили за изнајмување. Во него може да се најде малечок автомобил што целосно е прекриен со трева или спуштен пикап со огромен спојлер одзади. Овие возила честопати се имаат појавувано во филмови и ТВ-серии.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кога парите не се проблем Porsche позлатува

BMW X3: Фејслифт и нов дволитарски дизел