за

Бизнисот со фалсификувани авто делови вреди 10 милијарди евра

Пазарот за авто делови е преплавен со евтини копии. Покрај штетата што ја предизвикува во економијата, тоа претставува голема опасност и за сообраќајот.

Фалсификувани сопирачки дискови и облоги од Источна Европа, копирани бандажи, филтри за масло и свеќички за палење од Азија го преплавуваат целиот европски пазар за авто делови. Исто како кај луксузните производи, и во автомобилската бранша цвета бизнисот со фалсификувани делови. Експертите сметаат дека трговијата со овие плагијати предизвикува штета меѓу пет и десет милијарди евра годишно на европскиот пазар.

Уште поголемо е негативното влијание врз безбедноста во сообраќајот. Евтините копии ги прекршуваат законите, но можат да бидат и опасни по живот. Кај фалсификуваните делови од Далечниот Исток не се почитуваат нормите и стандардите. На прво место се ниските производствени трошоци.

Тоа оди на сметка на безбедноста, затоа што евтините делови не ги издржуваат високите оптоварувања во подолг временски период. Повеќето од плагијатите имаат слаб квалитет и не ги исполнуваат ниту основните безбедносни прописи. Особено ризично е вградувањето на евтини сопирачки дискови, чиј што материјал може да се скрши или да се оштети на кој било друг начин при силно оптоварување.

Ризикот несвесно да се купи фалсификуван производ е најголем на интернет. Затоа експертите советуваат првенствено да се внимава на квалитетот и да се посегнува по делови кои што задоволуваат квалитет за прво вградување и по оригинални делови од познати марки. Дури и за познавачите е тешко да се разликуваат фалсификатите од оригиналите. Повеќето производители почнаа да ги заштитуваат своите производи со холограми, контролни броеви или дводимензионални кодови на амбалажата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Првиот автомобил на Џон Ленон оди на аукција

Mercedes-Benz ја пушти технологијата Nanoslide во производство