Купувачите на електричниот автомобил BMW i3 ќе добијат бесплатно на неколкудневно користење лимузина од серијата 5 при потреба од патување на подолги релации.
Маркетиншкото одделение на BMW смисли генијален потег да ги заинтересира купувачите за новиот модел со погон на струја чија што продажба се очекува да стартува кон крајот на годинава. Освен во редовна продажба, автомобилот ќе биде достапен и како возило за привремено користење во мрежата Drive Now, која што моментно брои околу 130.000 корисници. Целна група на моделот со погон на батерии се возачите што се грижат за животната средина и трендсетерите.

BMW i3 ќе биде достапен во поевтина изведба, со погон само на струја и досег меѓу 130 и 160 километри, и во поскапа изведба, дополнително опремена со двоцилиндарски бензинец со 34 КС, кој служи како генератор и ги полни батериите. Кај вториот модел досегот се зголемува на 300 километри. Цената на најевтиниот модел ќе изнесува 37.000 евра, односно околу десетина проценти пониско од претходните најави. Продажбата на i3 ќе се одвива преку интернет, преку специјални i-продавници, како и преку i-агенти кои што ќе доаѓаат директно во домот.
