Минатиов викенд две автономни тркачки возила со електричен погон покажаа што знаат и умеат. Публиката во аргентинската престолнина Буенос Аирес имаше можност премиерно да ги следи беспилотните болиди во рамките на третата трка во актуелната сезона во Формула Е. Кога изгледаше дека сé ќе заврши според планираното, еден од болидите премногу оптимистички се залета во свијок со 200 километри на час и имаше директна средба со заштитната ограда на патеката.
Второто беспилотно возило успеа да ја извози трката до крај, но се покажа дека за техничарите има уште многу работа за автономните возила да можат безбедно да ги совладаат и посложените патеки со тркачко темпо. Во секој случај, обата болида испишаа важно поглавје во тркачката историја. Досега се нема одржано трка од ваков вид пред бројна публика, во којашто единствено сензори, компјутерскиот софтвер и радари управуваа со тркачките болиди.
Електричните болиди со имиња Devbot 1 и Devbot 2 извозеа повеќе кругови на тркачката патека, па дури успеаја да избегнат и пес којшто ненадејно се појави пред нив, без притоа да му фали ниту влакно. Комуникацијата меѓу обете возила исто така функционираше беспрекорно. За време на трката, тие ниту на момент не се приближија премногу.
И покрај незгодата во завршетокот на трката, Денис Свердлов, шеф на идната тркачка серија за автономни болиди со електричен погон, изјави одушевено: „Денес бевме сведоци на историски момент за Roborace и за иднината во развојот на автономните возила. Кога ќе се видат двата болида како јурат по патеката со висока брзина и без возач, очигледно е дека развојот напредува брзо. Одушевувачки е тоа што овие автомобили функционираат без човечка интервенција, решаваат сами и преземаат соодветни мери за да се снајдат на патеката.“ Но, нивната еволуција сé уште е во зачеток.
Во почетокот е планирано различни тимови да се натпреваруваат со технички идентични возила, но со самостојно развиен софтвер. Свердлов е убеден дека незгодата во Буенос Аирес нема да го попречи исчекувањето на новата тркачка серија. Следната трка се одржува на 1-ви април во Мексико Сити.
Овој поранешен руски министер за комуникации и сегашен инвеститор со седиште во Британија, по завршувањето на трката напиша на твитер: „И покрај незгодата, ниту еден возач не се здоби со било какви повреди.“