Љубителите на мотоспортот имаат единствена шанса. Со купување на книгата „Официјален опус на формула 1 – Издание Берни“ се добива и ВИП третман на сите трки во 2014. Единствен услов е да се има дебел паричник.
За еден милион долари може да се купат многу работи што обично не се за продавање. За еден милион долари може да се остварат и соништата на најголемите обожуватели на кралицата на мотоспортот, на формула 1. Во цената влегува ВИП третман на сите трки во следната сезона, чај со шефот Берни Еклстоун или присуство на ексклузивните забави, и секако, книгата од 852 страници.

Тој што стекне право на сопственост над оваа книга на наддавањето по почетна цена од еден милион долари ќе ужива во ВИП статус на сите трки во сезоната и на секоја од тие трки ќе има можност да седне на чај со шефот на формула 1 во неговиот приватен моторхоум. Идниот сопственик на уникатот ќе може да избере и гран при за вечера со Еклстоун. На секоја трка сопственикот на милионската книга ќе може да покани тројца познаници и да ја следи трката од ексклузивните места веднаш над боксовите. Гоштевањата за време на трките и присуството на ексклузивните настани, како балот на ФИА, исто така се вклучени во цената. Единствено треба да се плати за авионските карти и за хотелското сместување.
Самата книга се навраќа на 64-годишната историја на формула 1, преку написи, интервјуа и околу 1.200 фотографии. Делото е широко и високо половина метар, а тежи 37 килограми.
Насловната корица е изработена од сребрена плоча со изгравирано лого на формула 1, а повезот е од карбонски влакна. На првата страница на уникатот се наоѓаат и потписи од сите живи светски шампиони во формула 1 и од самиот Берни.
Книгата се нуди во уште две изданија, „Шампионско издание“ ограничено на 100 примероци по цена од околу 24.000 евра и „Класично издание“ кое е достапно за 2.400 евра. Содржината на трите изданија е идентична, различен е само повезот.