Пред електричните автомобили да го зададат последниот удар на „согорувачите на нафта“, остануваат уште неколку чекори. Прво следи зголемување на досегот, а потоа и конечно приближување на цената на електромобилите на ниво на автомобил со обичен погон. Првиот чекор е веќе во тек.
Електричните автомобили долги години мораа да се задоволат со досег од околу 200 километри, но максималното растојание што може да се измине со енергијата во батериите веќе неколку месеци бележи огромен скок. Прв беше BMW со компактниот и иновативен електромобил i3, кој минатава пролет беше претставен во нова варијанта, како прв „достапен“ автомобил со погон на струја што ја надмина границата од 300 километри. По него следеше Renault Zoe, когошто Французите го претставија на салонот во Париз во верзија со досег до 400 километри. В година пристига Opel Ampera-e со 500 километри. Причините што доведоа до овој бран на зголемување на досегот на електромобилите е поевтинувањето и усовршувањето на батериите.
Батериите се подобруваат, цената останува иста, досегот се зголемува
Зголемениот капацитет на батериите доведе до тоа BMW i3 да го подобри досегот од 190 на 300 километри. При исти димензии, батерискиот модул располага со 33, место со 22 киловатчасови. Тоа се постигна со поголемата енергетска густина на литиум-јонските ќелии, чијшто капацитет се зголеми од 60 на 94 амперчасови. Истото се случи и кај светскиот шампион во електромобилноста Nissan, кој досегот на Leaf го зголеми од 200 на 250 километри.
Секако дека станува збор само за теоретски вредности. Но, дури и под најнеповолни услови, на пример со вклучен клима-уред или греење, BMW i3 е во состојба да измине 200 километри со едно полнење на батериите. Реалниот досег на конкурентскиот Renault Zoe изнесува над 300 километри и со тоа го презема приматот од германскиот електромобил. Баварците ќе возвратат во 2018 година, кога ќе понудат нова верзија со досег до 450 километри.
Електромобилите веќе располагаат со досег близок до обичните автомобили
Од следната пролет, шампион во досегот надвор од ценовната класа на Tesla Motors ќе биде Opel Ampera-e, чиишто батерии со капацитет од 60 киловатчасови ќе овозможат да се поминат до 500 километри без запирање за дополнување. Во реални услови на возење, Opel ветува 380 километри.
Тука не завршува бранот на зголемување на досегот. Кросоверот со погон на струја на Audi ќе располага со доволно капацитет во батериите за 600 километри кога ќе стартува на пазарот во 2019 година. Истата бројка ја ветува и Volkswagen за новиот „народен“ автомобил со погон на струја, најавен за 2020 година. Тоа ќе биде повеќе и од автономијата што во моментов ја нудат електромобилите на калифорнискиот специјалист Tesla. Поскапите верзии на нивниот електричен погон постигнуваат досег и до 500 километри, што е апсолутен врв. Но, Tesla ги позиционира своите модели во поскапите пазарни сегменти, кадешто цената на автомобилот игра помала улога отколку во пониските сегменти. Поради тоа, Американците можат да вградуваат екстремно големи и скапи батериски пакети.
До крајот на деценијава просечниот досег ќе се зголеми на повеќе од 400 km
Најдобрата вест е во тоа што новите моделски верзии со поголем капацитет на батериите кај големосериските производители се достапни без промени во цената. Аналитичарите ценат дека просечниот досег на крајот на деценијава ќе изнесува над 400 километри, наспроти актуелните 240 километри.
Останува прашањето дали зголемениот досег на електричните автомобили ќе придонесе за поголем пробив на овие возила на пазарот. Дури и кога ќе се надмине психолошкиот страв дека батериите ќе се испразнат пребрзо, остануваат други проблеми. Цената на електричните возила и натаму е значително повисока отколку на возилата со обичен погон. Кога Volkswagen ќе стартува со продажба на новиот електромобил, неговата цена ќе биде под 30.000 евра. Купувачите сепак имаат предност во тоа што цената на возењето на струја е значително поевтина отколку на обичните горива. Инфраструктурата исто така игра важна улога. Но, бранот е веќе појден и ништо не го сопира повеќе.
















