за

Американски Робин Худ ги штити возачите од казни за паркирање

Робин Худ од Шервудската шума земал од богатите за да им даде на сиромашните. Eдна група граѓани во американскиот Кин сега го следи неговиот пример.

Во САД отсекогаш постоеле чудни политички струи. Во едно градче во сојузната држава Њу Хемпшир постои иницијатива која што се бори за правата на возачите и со тоа верно ја следи традицијата на Робин Худ.

Додека стрелецот во зелено земал од богатите за да им даде на сиромашните, новиве активисти не дозволуваат да се богатат тие што се во состојба да се богатат. Борбата се води околу автоматските часовници за паркирање. Активистите во градчето со 23.000 жители се собираат во мали групи и ги следат службениците на паркингот. Кога ќе забележат дека службеникот почнува да пишува казна за истечено време за паркирање, овие го полнат часовникот со ситни пари пред службеникот да ја напише казната. Место казна, сопствениците на возилото наоѓаат на ветробранот ливче на кое што пишува „Вашето време за паркирање истече. Но ние Ве штитиме од казната на шерифот.“ Ливчето е потпишано од „Робин Худ и веселата дружина.“

Тоа што е големо олеснување за заборавените возачи воопшто не е забавно за градот и за неговите службеници. Затоа градот Кин сега ќе поднесе тужба за малтретирањето на неговите вработени и за стресот што истите го претрпуваат, поради што многумина најавуваат отказ.

Бандата на Робин Худ сигурно нема да се заплаши од оваа закана. Активистите се дел од организацијата „Слободен Кин“ и од „Проект за слободна држава“. Тоа се радикално либерални здруженија кои се борат против државниот апарат. Малата сојузна држава на источниот брег Њу Хемпшир е колевка на движењето, кое брои околу 13.000 членови. Дрижењето има за цел да создаде модел на либерална држава. Неколку членови на здружението веќе се во претставничката куќа на сојузната држава.

Кај нас автоматските часовници за паркирање се заменети веќе одамна. Нема шанси да се надмудри нашиот систем за наплата на паркирањето.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche 918 Spyder ја става суштината на марката на виделина

Фејслифт за најпродаваниот модел на Volvo