за ,

Автомобилот со погон на водород на Hyundai чини 65.000 евра

Полнење водород за три минути и автономија до 600 километри. Класичниот погон со батерии нема шанси против горивните ќелии во Hyundai

Hyundai започна со продажба на моделот ix35 Fuel Cell којшто користи водород како погонско гориво. Прв пазар во Европа кадешто овој модел е достапен во редовна продажба е германскиот пазар.

Корејскиот производител на автомобили започна со редовна продажба на моделот со погон на водород, компактниот теренец ix35 Fuel Cell, по цена од 65.000 евра на најголемиот пазар во Европа, германскиот. Купувачите можат да изберат и лизинг на период од четири години, со месечна рата од 1.290 евра, вклучувајќи го комплетно сервисирање и одржување на возилото. Hyundai за возилото одобрува гаранција во период од пет години или 100.000 километри.

Шестотини километри пат со 5,63 килограми водород

Погонската единица на Hyundai ix35 Fuel Cell се состои од т.н. горивна ќелија, во којашто преку хемиска реакција на водородот и кислородот се предизвикува движење на електроните, односно се произведува електрична струја, којашто потоа се користи за снабдување со енергија на електромоторот. Според тоа, возилата со погон на водород во основа се електрични автомобили, со таа разлика што место во масивни и скапи батерии, ја чуваат енергијата во самото водородно гориво. Конкретно, моделот на Hyundai поседува резервоар за водород со зафатнина од 133 литри, којшто се полни со 5,63 килограми водород под притисок за само три минути и доволен е за околу 600 километри пат.

[quote_box_left]Отсуството на разгранета мрежа од станици за полнење водород останува најголем недостаток на ова ултимативно погонско решение на автомобилската бранша воопшто[/quote_box_left]

Тоа е неспоредливо подобро решение отколку класичните електрични автомобили, со батерии што се полнат за неколку часови и испорачуваат енергија за сто до двесте километри пат. Теренецот со погон на вододот на Hyundai поседува предност наспроти класичните електрични автомобили и во тежината, ix35 Fuel Cell тежи 1.830 килограми. Погонската единица располага со моќност од 100 киловати, односно 136 КС, овозможува крајна брзина ограничена на 160 km/h и забрзување до сто за 12,5 секунди.

hyundai ix35 fuel cellАвтомобилот со погон на водород на Hyundai поседува комплетно ниво на опрема, вклучувајќи навигација и камера за рикверц, двозонска автоматска клима, паркинг сензори и греење на предните седишта. Безбедносната опрема е дополнета со четири сензори за водород, коишто се вклучуваат доколку регистрираат испарување на водородот во резервоарите.

Освен во Германија, Hyundai ix35 Fuel Cell ќе биде достапен на уште десет пазари во Европа, како и во Австралија, Канада, Јужна Кореја и САД. Кон крајот на годината стартува и конкурентот Toyota Mirai.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford S-Max со темпомат што спасува од казна за пребрзо возење

Audi R8 пристигна во својот дом во Некарсулм